Електричната Киа ЕВ2 доаѓа во април, цената под 30.000 евра

Откако Киа го привлече вниманието на домашната сцена на електрични автомобили со 70-те возила ЕВ3 во служба како такси во Штип, следи уште едно историско поглавје со ЕВ2, како нов влез во електричната понуда на марката.

На 26-ти март започна производството на Киа ЕВ2 во фабриката во Словачка; Македонскиот увозник ги очекува првите возила веќе во април.

Киа ќе ги претрка конкурентите во гласно најавуваниот бран од достапни модели со електричен погон. Тоа важи подеднакво за европскиот пазар, но и за македонскиот пазар. ЕВ2, новиот модел што го спушта ценовниот праг за влез во светот на електромобилноста, и во Киа, и воопшто на домашната сцена, доаѓа пред квартетот од концернот Фолксваген и серијата достапни електрични модели од групацијата Рено.

Датумот уште не е потврден, меѓутоа според официјални извори, се очекува новата Киа ЕВ2 да ја доживее својата македонска премиера веќе во април. Цената на основниот модел ќе се движи под 30.000 евра, но вообичаено за Киа, тоа нема да биде едноставен и полуискористлив електричен автомобил, туку се почитуваат стандардите на марката.

Киа ЕВ2 доаѓа во време на висока конјунктура на пазарот на електрични автомобили, односно во услови кога сé оди во прилог на овој вид на погон. Во време кога растат цените на горивата и постојано притиска неизвесноста, дали тие веќе во следната недела ќе пораснат уште повеќе, и вооошто до кога ќе биде обезбедено снабдувањето, дури и на пазари што се бавни во електромобилноста, каков што е македонскиот пазар, почнува да се создава свеста за вистинските придобивки од електричните возила.

Браншата досега реагираше како и со секоја „новина“, односно производителите прво реагираа таму каде што добивката е сигурна и голема. А, тоа значи, концерните прво понудија престижни, силни, но и скапи електрични автомобили, потоа следеше средната класа, за сега да дојде време и за широкиот пазар.

Киа ЕВ2 е меѓу најважните и најспомнувани модели во новиот бран достапни електрични автомобили од традиционалните производители. Тоа што се произведува во Словачка, во фабриката на Киа во Жилина, веднаш покрај Спортаж, Ексид и ЕВ4, секако дека му дава дополнителна предност на моделот во цената, затоа што отпаѓаат скапиот транспорт и дополнителните давачки.

ЕВ2 ќе се влече на домашната слава на Киа ЕВ3

Новиот „основен“ ЕВ на Киа доаѓа и на добро подготвен терен. Во минатата година се зборуваше многу за 70-те возила ЕВ3 што Киа ги испорача за возниот парк на такси-компанија во Штип. Во меѓувреме, ЕВ3 е редовна појава во целиот регион околу градот.

Во македонската Киа веќе се преговара со компании од разни области, што ќе го вклучат ЕВ2 во својот возен парк. Во светот на службените возила и професионалниот превоз, нема место за многу двоумење, ако сметката покажува дека електричните возила носат економска корист.

Единствено недостига интерес од страна на властите, коишто преку субвенции ќе го помогнат купувањето електрични автомобили од населението, а секако и повластици за фирмите што ќе вклучат електрични возила во своите возни паркови.

Киа ЕВ2 е кросовер/СУВ-модел од Б-сегментот, долг 4,06 метри и висок 1,58 метар, што со просторноста и практичноста одговара на класична комблимузина од компакт класата, благодарение на тоа што електричниот погон во основа овозможува при иста должина со модел со МВС да се добие поголема кабина.

Меѓуоскиното растојание изнесува 2,57 метри, багажникот располага со зафатнина од 362 литри, односно до 402 литри, доколку се избере верзија со лизгачка задна клупа. Со соборување на клупата, се добиваат до 1.201 литри.

Досегот уште во основниот модел е над 300 километри

ЕВ2 се произведува во две погонски изведби. Најдостапната изведба поседува батерија од 42,2 кВч, со којашто се постигнува досег до 317 километри. Во втората изведба, со батерија од 61 кВч, досегот се продолжува на 453 километри.

Иако се работи за основниот електричен модел на Киа, тој исто така располага со можност за брзо полнење. При брз полнач, ЕВ2 ќе почни под 50 киловати и батеријата ќе ја наполни од 10 до 80% за 70 минути. При брз полнач со висока моќност, времето се скусува на околу 30 минути.

При домашен полнач, батеријата преку ноќ и по евтина тарифа се освежува за следните неколку денови

На ѕиден полнач, Киа полни со 11 кВ до сто проценти за 4:05 часови кај помалата и 5:35 часови кај поголемата батерија. Купувачите имаат опција да нарачаат полнач од 22 кВ во возилото, за полнењето да се скуси на 2:35, односно 3:00 часови соодветно. Доколку не се располага со каков било полнач, останува обичен „штекер“ и полнење за 17:40, односно 24:25 часови.

Електромоторот испорачува максимална моќност од 146 КС во основната, односно 135 КС во изведбата со поголема батерија. Вртежниот момент достигнува максимум на 250 њутнметри. Помалата батерија користи хемија ЛФП, додека во поголемата и поскапа батерија се користи хемија НМЦ. Двете батерии имаат слична големина.

Погонот е напред, крајната брзина е ограничена на 161 км/ч, забрзувањето до темпо сто трае 8,7 секунди во основниот и 9,5 секунди во моделот со поголема батерија. Вклучувајќи возач од 75 килограми, Киа ЕВ2 тежи 1.620 килограми, носивоста е 400 килограми. Производителот дозволува и влечење приколка тешка до 750 килограми.

Богата опременост уште во основното ниво

Вообичаено за Киа, се нудат три нивоа на опременост – Светло (light), Воздух (air), Земја (earth). Тоа што може да се очекува во основниот модел на македонскиот пазар, само како претпоставка, се 7 воздушни перници, челични тркала од 16 инли, систем за задржување во лента, предупредување за возило во мртов агол, електрика и греење на ретровизори, автоматско светло, камера за будност на возач, предупредување при пешак или велосипедист на пат, приспособлив темпомат, возачки дисплеј од 12,3 инчи, средишен дисплеј од 12,3 инчи, автоматска клима, електирна паркирна сопирачка со ауто-холд, паркинг сензори напред и назад, задна камера, ЛЕД светла назад, пристап и старт без клуч, систем за следење лента и екран за местење на климата од 5,3 инчи.

Во второто ниво може да се очекуваат 6 звучници, тркала од лесен метал, собирање на ретровизори, предгреење на батеријата, кровни шини, полица за багажникот, двозонска работа на климата, адаптер за полнење, сензор за дожд.

Со максимална опременост, Киа ЕВ2 добива уште висинско местење на совозачко седиште, плафониера, електрично местење на возачко седиште, багажник од 15 литри напред, безжичен полнач, греење на волан и предни седишта. Задолжително за марката, ЕВ2 се нуди и во спортска изведба ГТ-Лајн.

Цените и точната содржина на пакетите на опременост ќе бидат соопштени откако моделот ќе ја доживее официјалната комерцијализација на македонскиот пазар. Менаџерите очекуваат дека ЕВ2 ќе привлече уште поголем интерес од ЕВ3, а во меѓувреме се подготовува и поголемо присуство на сцената со компактот ЕВ4, уште еден електричен модел, што исто така се произведува во Словачка.

Претходна објаваПоскапените горива поради војната во Иран ќе ја зголемат побарувачката за електрични автомобили
Следна објаваМерцедес-Бенц вложува 4 милијарди долари во фабриката во Алабама

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here