
- Мерцедес-Бенц соопшти дека до 2030 година ќе вложи 4 милијарди долари во својата фабрика во Алабама, заради зголемување на продукцијата во САД и намалување на притисокот од царините.
- Главнината од вложувањето е наменета за воведувањето во производство на СУВ-моделот од средна класа ГЛЦ, што во моментов се увезува од Германија.
- Производството на ГЛЦ во Венс, Алабама, планирано е да започне во полн обем во 2029 година.
- Вложувањето вредно 7 милијарди долари е дел од капиталните трошоци во вкупна висина од 7 милијарди долари, што се наменети за нови производи и проширување на бизнисот до завршетокот на деценијата.
Мерцедес-Бенц планира да вложи 4 милијарди долари во својата фабрика во Алабама до 2030 година, од коишто најголемиот дел ќе биде наменет за воведување во производство на новата генерација на ГЛЦ, како една од најпродаваните моделски серии на марката во САД.
Германскиот производител на луксузни возила ја најави инвестицијата на 31-ви март, по една година откако започна примената на царините на претседателот Трамп.
Мерцедес претходно потврди дека кон завршетокот на 2027 година ќе почне да го произведува ГЛЦ во својата добро оптоварена фабрика во близина на Таскалуза. Произведените возила ќе бидат наменети првенствено за пазарите во Северна Америка.
Аналитичарите на АутоФоркаст Солушнс предвидуваат дека Мерцедес ќе започне да го произведува ГЛЦ во ноември 2027 година и дека продукцијата во првите 12 месеци ќе достигне околу 50.000 возила.
Наспроти тоа, извршниот директор Ола Калениус изјави за медиумите дека производството на ГЛЦ нема да го достигне полниот обем во Алабама до 2029 година.
Мерцедес продава во САД речиси исто толку примероци од увезениот ГЛЦ од Германија, колку што заедно се продаваат трите следни најбарани модели од увоз. Во минатата година, во земјата се продадени околу 72.000 возила ГЛЦ, што претставува речиси четвртина од вкупната продажба на Мерцедес-Бенц во САД, не вклучувајќи ги доставните возила.
ГЛЦ е најновиот модел што ќе се произведува во близу 30-годишната фабрика, од којашто излегуваат моделските седии ГЛС и ГЛЕ, заедно со нивните електрични пандани, на површина од близу 55 хектари.
Мерцедес-Бенц очекува годишната продукција да се зголеми на 340.000 возила, од сегашното ниво што се движи меѓу 250.000 и 300.000 возила.
За време на настанот што се одржа во Венс, Калениус кажа дека ја гледа фабриката како „срце што чука“ за „семејството СУВ-модели“ на компанијата.
Директорот за производство на Мерцедес-Бенц, Михаел Шибе, изјави дека инвестицијата во Алабама не ја гледа „само како бројка“, туку како „обврзување“.
„Веруваме во Таскалуза,“ кажа Шибе.
Инвестицијата е дел од калиталните трошоци во висина од преку 7 милијарди долари, што Мерцедес-Бенц ги намени за нови производи и за проширување на бизнисот во САД, до завршетокот на деценијата.
„Се движиме во насока на раст во Северна Америка,“ изјави извршниот директор на Мерцедес-Бенц за континентот, Џејсон Хоф. „Во последната деценија, сме вложувале во просек по 1 милијарда долари секоја година.“
Притисокот од царините на Трамп ја засили регионализацијата
Царините на администрацијата на Трамп за увезени возила и делови за нив ја присилија целата бранша да се префрли на локално производство. Хјундаи, Тојота, Стелантис и други производители вложија милијарди долари во таа насока.
Мерцедес во моментов плаќа 15 проценти царина за секој ГЛЦ што ќе го качи на брод за САД, што претставува дополително оптоварување за еден од најпродаваните модели на марката во земјата.
Калениус го најави стратешкиот чекор за време на конференцијата за инвеститори во минатата година.
„Доколку гледаме во подолг временски период, од три, четири, пет години, и доколку светот се префрли на регионализација, ќе се подготвиме за тоа,“ изјави Калениус. „Ние сме извезувачки шампион во сите правци.“
Тој додаде дека компанијата располага со повеќе „рачки“ за да се ублажи влијанието од царините, на кус, среден и долг рок, вклучувајќи и пренасочување на производството во САД.

Фабриката на Мерцедес-Бенц во Алабама има клучна улога
Со воведувањето на ГЛЦ во производство во Венс ќе се продлабочи посветеноста на Мерцедес-Бенц кон Северна Америка, без потреба да се врши физичко проширување на фабриката.
Меѓународната фабрика на Мерцедес-Бенц во САД, што е на оддалеченост од околу 80 километри од Бирмингем, претставува еден од најважните капацитети што ја спроведуваат таа стратегија.
Степенот на искористеност на фабриката во минатата година падна под 80 проценти, поради забавената продажба на електрични модели и започнатите подготовките за новите и освежените моделски серии.
Фабриката извезува околу 60 проценти од возилата што ги произведува.















