Електрична Шкода Пик ќе го предводи Тур д’Франс

Црвениот директорски автомобил што секогаш е на челото на Тур д'Франс, важи како најславен автомобил во светот на велосипедизмот. Шкода 23-та година е на тоа место, сега со електричниот Пик.

Крис Фрум, четирикратен победник на Тур д'Франс, покрај Шкода Пик

Шкода веднаш му најде видно место на светската сцена на својот нов модел, знаменосец во гамата на електрични модели, на седумседот Пик. Тој ќе ја води колоната по патот на Тур д’Франс, како командна централа. Уште бројни автомобили на Шкода ќе го следат главниот велосипедски настан.

Во возниот парк што се користи за најважната велосипедска трка во светот, еден автомобил секако се издвојува најмногу, и тоа буквално. Секогаш на чело на трката е црвениот директорски автомобил на Тур д’Франс. Шкода 23-та година е во улога на автомобилски партнер на трката, со велосипедизмот како важен дел од историјата на чешката марка.

Тој автомобил годинава е електричен – што не е првпат – и се води под името Епик, од епски размери е за Шкода. Подвижната командна централа е опремена со шест антени, сигнализациски светла и ладилник за шампањот.

Првиот автомобил што Шкода го подготви за менаџментот на Тур д’Франс беше Суперб од првата генерација, уште во 2004 година. Во последните години, секако дека Шкода пушта електрифицирани модели, прво приклучен хибриден Суперб, а по него целосно електричен Енијак. Годинава, таа чест ќе ја има Пик, модел што ја доживеа својата светска премиера пред само неколку денови.

Како основа за директорот на трката служи Шкода Пик со погон на сите тркала и во изведба Спортлајн, точно врвниот модел Пик 90 икс Спортлајн.

За разлика од претходните години, главниот автомобил на Турот сега е извлечен од производствена лента и така е упатен за преработка, место таа да се врши на веќе завршен автомобил. Откако возилото ќе ги претрпи зафатите, се враќа на лента, за да се лакира рачно.

Возилото располага со сложен систем за комуникација, вклучувајќи шест радио антени што се наоѓаат во самата каросерија. Контролната единица и батеријата се во багажникот, на местото каде што кај стандардниот Пик се наоѓа трет ред седишта. Батеријата за комуникацијата може да напојува два до три денови, но ќе се полни секој ден, заради сигурност. Со сета дополнителна опрема, тежината порасна околу 150 килограми.

На Пик се наоѓаат и држачи за рекламите, еден над ветробранот, друг на хаубата. За секое возило се изработува посебна шара.

Најголем предизвик беше отворањето на покривот. Тој вообичаено се отвора наназад, но кај возилото за трката е потребно тој да се отвора нанапред. На тој начин, директорот може да застане безбедно пред задната клупа и да го одбележи стартот на секоја етапа.

Додека во стандардниот Пик има седум седишта, за оваа намена, тој е четирисед. Директорот на трката Кристијан Прудом седи зад возачот, во средина се наоѓаат масичка и ладилник, а местото зад совозачкото седиште е за почесните гости на трката. Тоа може да биде самиот Претседател на Франција, но и светски ѕвезди, Том Круз, на пример.

Возачите темелно го тестираат возилото пред да започне трката. Голем дел од возачката постава и самите се некогашни професионални велосипедисти.

И уште една измена. Овој Пик има препознатлива свирка со компримиран воздух, што им укажува на велосипедистите дека наближува возилото.

Тур д’Франс годинава започнува на 4-ти јули.

Претходна објаваЕУ ќе наплати 1,4 милијарда фунти царина за електрични автомобили од фабриките во Британија
Следна објаваКиа Ексид по фејслифтот чини колку обичен компакт

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here