Киа со години наназад го зголемува својот продажен удел на европскиот пазар. До април, Киа држи 4,1 процент од пазарот годинава, наспроти 3,2 проценти пред пандемијата во 2019 година. Таа е 10-та најпродавана марка во Европа, пред соперници од рангот на Форд или Опел, но и пред сестринската марка Хјундаи, со којашто ја дели техниката.
Растот во продажбата на Киа годинава доаѓа од новиот целосно електричен модел ЕВ3. Компактниот СУВ за четири месеци се продаде во преку 24.000 примероци.
Како резултат од тоа, пазарниот удел на Киа во Европа, во продажбата на целосно електрични возила, изнесува 5 проценти, што е за половина процентен бод над уделот на целата марка.
Токму продажбата на електрични возила е клучна за планот на Киа да се продолжи со растот во Европа, каде што пазарот изгуби 2 милиони возила, во споредба со времето пред пандемијата, кажа директорот за продажба Карлос Лахоз, за време на конгресот на Аутомотив Њуз Европа во Торино.
По успешниот старт на компактниот СУВ со електричен погон ЕВ3, Лахоз кажа дека има „големи очекувања“ од компактната лимузина и од комбилимузината ЕВ4, чијашто продажба ќе почне во последното тромесечје годинава.

ЕВ3 беше шести најпродаван БЕВ во Европа до април, со 24.154 примероци.
Тоа ја рангираше Киа меѓу марките со најдобри пазарни резултати во Европа, во поглед на скусувањето на емисијата на ЦО2 годинава, кажа извршниот директор на Датафорс, Марк Одиниус, компанија што ја води статистиката на продажбата. Одиниус исто така имаше говор на Конгресот на 12-ти јуни.
Комбилимузинската изведба на ЕВ4 ќе се произведува во фабриката на Киа во Жилина, Словачка. Тоа ќе ѝ овозможи на Киа побрзо да реагира на побарувачката на пазарот. Годинава престои и лансирањето на ПВ5, првото доставно возило на Киа со целосно електричен погон. ПВ5 почнува со продажба наесен, се очекува моделот да има премиера и на македонскиот пазар.

Карлос Лахоз напомена дека патот до успехот е дополнително усложнет со тековните геополитички промени и неопходноста да се постигне рамнотежа меѓу факторите што се спротивставуваат едно со друго, како зголемување на продажбата на ЕВ, задржување на профитабилноста и исполнување на строгите барања за емисија на ЦО2 на ЕУ.
[the_ad id=”85764″]
„Доколку премногу се потпираме на продажбата на возила со мотор со внатрешно согорување, ризикуваме да не ги постигнеме целите за ЦО2 и ќе мора да плаќаме казна“, вели Лахоз. „ Ако премногу притискаме да се продаваат ЕВ, ќе ги повредиме нашите граници на профитабилност.“
















