По повеќе години во финансиски непогоди и неуспешни преговори со доверителите, Марели на 10-ти јуни поднесе барање за поведување стечајна постапка, според Поглавјето 11 од кодексот за банкрот во САД. Во петицијата се наведуваат долготрајни проблеми со набавката, како и неодамнешните проблеми со ликвидноста, заедно со „макроекономската неизвесност што се поврзува со воведувањето царини ширум светот.“
„Царините силно го погодија Марели, поради бизнисот што се фокусира на увоз/извоз и посебно поради воведувањето високи царини за производителите на автомобили и за нивните добавувачи,“ наведува извршниот директор на Марели, Дејвид Сламп.
Компанијата соопшти дека „не очекува поведувањето на постапката според поглавјето 11 да влијае врз работењето“.
Марели е основана во 1919 година, како заедничка инвестиција на Фиат и Ерколе Марели. Компанијата потоа се преименува во Мањети Марели, како огранок на Фиат, а подоцна станува и дел од Стелантис. Нисан поседуваше голем удел во Калсоник Кансеи, пред компанијата да им ја продаде на ККР во 2016 година. ККР во 2019 година ги соедини Мањети и Калсоник во една компанија.
Стелантис и Нисан се двата најголеми доверители без обезбедување, што се наведени во барањето за поведување стечајна постапка. Мањети соопштува дека на Стелантис им должи 454 и на Нисан 313 милиони долари.
Мањети ги наведе дополнително и следните доверители без обезбедување:
- Германска Бош Групација, ѝ должи 45 милиони долари
- Мазда Мотор, 30 милиони долари
- Гранж, 26 милиони долари
- Тесла Инк, 22 милиони долари
- Тексид, 21 милиони долари
- Нисин Когио, 14 милиони долари
- БАСФ, 14 милиони долари
- Макника, 14 милиони долари
Поглавјето 11, според законите за банкрот во САД, им овозможува на компаниите да се реорганизираат, додека продолжува нивното работење. На Марели му се потребни 1,1 милијарда долари. Овие фондови и готовината што ќе ја донесат тековните активности, треба да ја одржат компанијата во работа за време на реорганизацијата, што може да трае од неколку месеци, до неколку години, зависно од одвивањето на преговорите со доверителите.
















