Златен Волан за Киа ЕВ3 за најдобра противвредност

Компактниот електричен СУВ на Киа, ЕВ3, добива одлична поддршка во почетокот на продажбата, со освојувањето на Златен Волан во категоријата на возило со најдобра противвредност со цена под 40.000 евра.

Во Европа постојат два избори на автомобил што им значат на луѓето. Едниот е Европски Автомобил на Годината, другиот се Златните Волани што ги доделува германски Ауто Билд, како најтиражен автомагазин во Европа, заедно со неделникот Билд ам Зонтаг, најтиражен неделник од општ карактер во Германија.

Додека уште останува неизвесност, дали европското жири ќе се реши Киа ЕВ3 да стане Европски Автомобил на 2025 година, до прогласувањето на победникот во јануари, во Ауто Билд веќе е избран победникот во категоријата на возила со најдобра противвредност под 40.000 евра, тоа е електричната Киа ЕВ3.

Во најдобар случај, ЕВ3 може да мине до 605 километри со полна батерија, во верзијата од 81 кВч. Киа го цени својот моментно најдостапен СУВ со погон на струја, како возило што има материјал да се користи како главно возило во домаќинствата.

Златниот Волан е веќе трета награда што ја освојува оваа Киа, по одвај еден месец во продажба. Оваа награда сепак е најзвучна, покрај наградите од вебсајтот Електрифајинг и наградата за најдобар мал СУВ/кросовер во Велика Британија.

Победата кај Германците воопшто не е нова за Киа, затоа што пред ЕВ3, воланите во претходните години им се позлатуваа на ЕВ9, Ниро ЕВ, Соренто и Ексид.

Наградите Златен Волан првпат се доделуваа во 1976 година. Тоа што му дава веродостојност на изборот е учеството на гласовите од публиката и на гласовите од експертите при изборот на победниците во одделните категории.

„Чест е да се освои оваа награда, којашто е признание од публиката, како и од професионалците“, вели Карим Хабиб, заменик на извршниот претседател и прв дизајнер на Киа. „Со својата единствена комбинација од дизајн, практичност и технологија, ЕВ3 е резултат од посветеноста и залагањето на нашите инженери, стратези и дизајнери во Киа, да направиме одржливата мобилност да биде достапна за сите.“

Во изборот годинава учествуваа 78 модели во седум категории. Прво решаваат читателите, чијшто гласови ги одредуваат моделите што продолжуваат во финалето. Потоа следи темелно тестирање од страна на 18-члено жири, на тест патеката на Декра во Лаузицринг, Германија. Декра е вклучена во оценувањето на системите за асистенција, односно за безбедноста, додека тимот на Компјутер Билд дава оцени за конективноста.

Главниот уредник на Ауто Билд, Робин Хорниг, кажа за изборот: „Златен старт за новата Киа ЕВ3! Таа нуди богата опременост и пристоен досег по привлечна цена – тоа е убедлива понуда за тие што ги ценат вредноста и перформансите. Тоа е сигурно вложување, затоа што Киа нуди 7-годишна гаранција за ЕВ3, којашто ги покрива и возилото и погонската батерија.“

Киа ЕВ3 ги користи технологиите од престижните модели ЕВ6 и ЕВ9, исто така трофејни автомобили на Киа, со таа посебност што воведува Киа КарПеј, како можност за услуги да се плаќаат преку самото возило.

Уште една корисна функција е В2Л, односно можноста електричната енергија што е наполнета во батеријата по евтина ноќна тарифа, преку ден да се приклучи во домашната електрична мрежа и да се црпи таа енергија, место да се користи скапа дневна струја. Оваа функција ќе биде пуштена подоцна.

Киа во следниот период ќе ја претстави и спортската изведба ГТ, како и модел со погон на сите тркала.

Претходна објаваХјундаи под истрага откако тројца работници загинаа при тестирање
Следна објаваТојота Ареа 35: План со помалку пари да се направат 3,5 милиони електрични автомобили – или тоа што сакаат купувачите

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here