Во следните пет години, Тојота планира да го забрза своето преоѓање во ерата на електромобилноста и капацитетот на своите фабрики да го зголеми на 3,5 милиони електрични автомобили годишно. Намерата е тоа да се постигне без скапи нови фабрики и без заглавување во лоши инвестиции, доколку побарувачката ненадејно стивне.
Јапонскиот шампион во производството на автомобили има добар план како да успее во тоа.
Планот се води како Ареа 35. Тоа е флексибилен план за постоечките производствени погони на корпорацијата Тојота да се стуткаат и да се ослободат 35 проценти од површината што во моментов е зафатена со процесите на производство.
Стратегијата меѓу другото предвидува бројот на различни делови што се користат во сите модели што Тојота ги продава ширум светот, да се скуси за 35 проценти. Со користењето заеднички делови ќе се поедностави производството. Унифицираните делови ќе помогнат и да се забрза развојот на нови модели.
Тојота очекува дека со овие чекори ќе го зголеми профитот за 3,5 проценти.
Финансискиот директор Јоичи Мијазаки го претстави планот Ареа 35 за време на објавувањето на деловните резултати на 6-ти ноември. Најголемиот производител на автомобили во светот го заврши последното тромесечје со оперативна добивка намалена за 20 проценти. Ареа 35 ќе ѝ овозможи на Тојота да ја скуси својата понуда од модели и повеќе да се посвети на клучните модели што се продаваат најмногу. Планот воедно е приспособлив и дозволува производителот да се раководи во изборот на погон за своите модели зависно од тоа какви видови погон се бараат во моментот.
„Работиме на оптимизација на бројот на споецификации и делови,“ објасни Мијазаки. „Го прошируваме просторот за завршна монтажа на возила и го забрзуваме развојот.“
Тојота оди на флексибилност за да избегне вложување во прекумерни капацитети
Најголемиот предизвик за целата бранша во овие времиња е како трошоците за развој и производство на електрични возила да се сведат на најмала можна мера и како да се постигне максимална флексибилност, кога опаѓа побарувачката за електрични возила. Тојота не сака да се соочи со истите проблеми што ги погодија Форд, Џенерал Моторс, Волво и Фолксваген, коишто вложија премногу во електричните возила и сега ги враќаат плановите.
Форд некогаш беше мошне храбар со електричните возила, а годинава најави дека вложувањата во целосно електричниот погон ќе ги скуси за 25 проценти. Отпуштени се две третини од работниците во фабриката во Детроит, во којашто се произведуваше електричниот пикап Ф-150 Лајтнинг. Откажан е кросоверот со три реда седишта. Производителот од САД најави дека следните модели со електричен погон, што се наменети за широкиот пазар, нема да се појават во салоните барем во следните три години.
Извршниот директор Џим Фарли, поранешен директор во Тојота, ја опиша електричната одисеја на Форд како „понижувачка“.
Управата во Џенерал Моторс ги намали своите предвидувања за електричните возила поради забавената продажба и ги одложи вложувањата, вклучувајќи и одложување на производството на електричен пикап во втора фабрика во подрачјето на Детроит.
Волво исто така се откажа од плановите да продава само електрични автомобили во 2030 година. Фолксваген се најде во состојба да размислува околу можно затворање фабрики во Германија, за да заштеди милијарди евра и да може да го финансира своето преоѓање на електрични возила.

Тојота планира во 2030 година да произведе 3,5 милиони електрични возила
Намерата на Тојота со Ареа 35 е да избегне вакви пречки на својот пат кон ерата на електричните автомобили.
„Тоа ни дозволува полесно да се приспособиме на промените во моментната побарувачка и во последен момент да решаваме околу вложувањето,“ кажа Мијазаки, додавајќи дека Тојота на тој начин ќе може побрзо да ги приспособува своите планови за производство. „Се подготвуваме за промислено да создадеме систем што ќе може флексибилно да го следи изборот на нашите клиенти.“
Тојота цели да постигне ниво на производство од 3,5 милиони електрични возила во 2030 година. Од тоа, 1,7 милион возила ќе ја користат новата модуларна архитектура за ЕВ, што во 2026 година ќе почне да се вградува прво во моделите на премиум марката Лексус.
[the_ad id=”73735″]
Компанијата планира да го преполови времето на производство и трошоците за производствените постројки да ги скуси за 25 проценти, преку дигитализација. Тојота очекува да ја удвои продуктивноста на новите производствени ленти што ќе бидат наменети за ЕВ.
Планот на Тојота бара темелно реогранизирање на процесите на производство за ерата на електричните возила и за таа цел вклучува бројни нови технологии во модерното производство на ЕВ, како што се хиперавтоматизација и гига леење. Тојота дури планира и нов процес на монтажа, во којшто електричните возила ќе се движат самостојно по производствената лента, користејќи технологија што се заснова на контрола преку радио сигнал.
Видеото од серијата возења електрична Тојота би-Зи-фор-крос низ Македонија
За да заштеди пари, Тојота има намера во постоечките производствени капацитети да ослободи простор во којшто ќе се произведуваат електричните возила. Тоа значи дека тековното производство ќе треба да се скуси на помал простор.
„Ареа 35 е иницијатива за да се ослободи простор, преку смалување на бројот на делови што се користат во постоечките фабрики, место да се оди на проширување на просторот за производство, преку изградба на нови фабрики,“ кажуваат претставници од компанијата.
Реорганизацијата на 10 фабрики веќе е отпочната
Тојота не исклучува дека ќе се градат фабрики, но целта првенствено е да се извлече максимумот од постоечкиот простор. Тоа што ќе се ослободи како нов простор не мора да биде наменето за производство на ЕВ. За таква флексибилност зборуваат менаџерите.
Ареа 35 е кусо од Асет Риборн & Емпауер Ол Тојота.
Тојота соопшти дека инженерите за производство во август 2023 отпочнале со реорганизација на 10 фабрики во Јапонија и по светот. Тоа постепено ќе зафаќа сé повеќе фабрики од мрежата од вкупно 54 фабрики за монтажа на возила на Тојота во светот. Само во Јапонија, досега е ослободен простор за дополнителни 80.000 возила да се произведат на годишно ниво.
Светската продукција на Тојота во фискалната година што заврши на 31-ви март достигна 11,2 милиони возила. Тоа ги вклучува возилата на Даихацу и Хино. Компанијата ја зголеми продукцијата, за да го надомести загубеното производство за време на пандемијата и кризата со микрочипови.
Вртоглавото темпо создаде силен притисок врз преоптоварените добавувачи и се цени дека доведе до низа проблеми што влијаеја врз Даихацу и Хино. Тојота посочува дека со Ареа 35 ќе се постигне и подобра соработка со ланецот од добавувачи.
















