Автомобилите им се во крвта во ова семејство. Кен Блок ја учи својата 13-годишна ќерка да изведе дрифт.
Нормално е тоа што Кен Блок има само пофални зборови за својата ќерка. „Училиштето ѝ оди добро, добива само петки“, кажува оваа ѕвезда на автомобилската сцена, прочуен по спектакуларните дрифтови. Уште една причина за овој возачки професионалец да биде горд на своето потомство е тоа што ќерката цени дека работата на нејзиниот татко е кул. Во такви услови, не треба да биде изненадување тоа што Лиа Блок седна зад воланот на Ford Escort RS од 1978 година.
Приватните часови се изведени на затворена и обезбедена патека. Како што може да се забележи на видеото, Лиа добро ги користи гените од татка си и го докажува својот возачки талент. По корисните совети од Кен, „Повеќе гас! Повеќе гас!“ младата возачка успева да изведе и „крофни“.
Сето тоа следи по само три дена откако госпоѓица Блок научи да вози со мануелен менувач. Ова видео може да биде само најава дека наскоро ќе ја видиме госпоѓица Блок во некое од идните видеа на Кен.
















