Освежувањето на гамата на модели го донесе очекуваниот резултат. Hyundai во првите шест месеци продаде 237.221 возила во Европа. Бројката ќе расте уште со воведувањето на следните нови модели.
Рекорд за Hyundai во продажбата на возила на европскиот пазар во едно полугодие. Корејската марка добро одомаќена на европскиот пазар, продаде 237.221 возила во првите шест месеци од 2015 година. Заслугата за одличната продажба лежи најмногу во воведувањето на нови модели, вклучувајќи ги новите i20, i30 и i40. Уште поголем раст се очекува во второто полугодие, откако ќе започне продажбата на новата генерација на компактниот кросовер Tucson, наследник на ix35. Рекордната продажба претставува раст од преку 8 проценти во споредба со истиот период лани. Претходниот рекорд за првото полугодие беше поставен веќе во 2012 година.

Компанијата со производствени капацитети во Чешка и Турција, како и развоен центар во Германија, до крајот на годинава ќе обнови 80 проценти од гамата на модели. Претстои комерцијализација на купе изведбата од i20, како и на турбо-моделот во гамата на компактот i30. Во екот на обновувањето на целата моделска гама, малечкиот i10 наскоро ќе биде најстар модел во понудата, иако во актуелното издание тој беше претставен во почетокот на ланската година. Пристигањето на новиот Tucson ќе претставува значајно засилување, ако се има во предвид дека Hyundai лани продаде најмногу возила токму во сегментот на спортските теренци.