Honda CR-V се враќа на голема врата меѓу СУВ-моделите од средната класа со новиот хибриден погон. Може да биде чудно тоа што токму хибридната изведба е особено интересна за македонскиот пазар, и тоа поради ослободувањето од акциза, којашто може да достигне и 18 проценти. До стартот на продажбата сепак остануваат неколку месеци
Кога Honda го претстави првиот CR-V пред повеќе од две децении, неговите соперници се викаа Cherokee или Terrano и уште вложуваа голема карта на своите возни својства. Неколку години подоцна следеа Freelander и Forester, па потоа и Sorento, Outlander, X-Trail, за да минат десет години додека и BMW одговори прв од европските премиум марки, со X3.
Додека СУВ-фелата се создаваше и растеше, CR-V беше еден од нејзините претставници што најчесто се среќаваа по улиците, не одминувајќи ги и македонските. Во меѓувреме, Honda CR-V е втор најпродаван СУВ на глобално ниво, а во Европа не е ниту меѓу стоте најпродавани модели. Време е тоа да се коригира.
Honda CR-V наскоро пристига на европскиот пазар во својата петта генерација и има голем новитет – хибриден погон. Како и секогаш кај оваа марка, хибридниот погон не е обичен, во него има нешто „хондовско“. Погонската комбинација ја сочинуваат електромотор со моќност од 184 КС и вртежен момент од 315 њутнметри, посебен генератор и дволитарски бензинец со моќност од 145 КС, со i-VTEC и еткинсонов режим на работа. Посебноста на хибридниот погон, кого што Honda го нарекува i-MMD, е во тоа што бензинецот во повеќето возни сценарија се користи како генератор за струја. Кратенката означува Intelligent Multi-Mode Drive и укажува дека во погонот се крие многу посложена техника.
Системот i-MMD располага со три работни режими. Во електричниот начин на работа, Honda CR-V поаѓа со енергијата од батеријата и вози на струја до одреден брзински лимит. Капацитетот на литиум-јон батеријата сепак е доволен за само два километри. При хибридна работа, бензинецот служи како генератор за струја и го снабдува електромоторот со електрична енергија. Тоа што електромоторот нема да го потроши, се акумулира во батеријата. Само во ретки ситуации, бензинецот сам испорачува њутнметри до погонските тркала. Тоа се случува без присуство на класичен менувач – интелигенцијата на погонот го заменува истиот. Останува уште моторниот модус, кога погонот се препушта на моторот, а електромоторот е во состојба на подготвеност, за да испорача дополнителна моќ при посилно забрзување.
Honda CR-V Hybrid вози како обичен бензинец со автоматски менувач
Моторот сам го движи автомобилот обично при брзини меѓу 80 и 100 километри на час, кога се одржува постојано темпо и се постигнува оптимална ефикасност во работата. Возачот ниту се оптоварува што се случува во погонската спрега во моментот, ниту ќе почувствува нешто од „работните смени“ во интелигентната погонска спрега. Доколку посака таква информација, возачот може преку средишниот дисплеј од седум инчи да ја следи работата на погонот.
Поради тоа што вртежите на моторот не го „следат“ соодветно притискањето на педалот за гас, Honda CR-V Hybrid поседува посебен генератор на звук, којшто произведува вештачки звук на забрзување. Постои и посебен спортски модус, кога педалот за гас реагира подиректно.
Спринт на 1,7-тонскиот СУВ до 100 km/h за помалку од девет секунди
Динамиката е најмал проблем на овој хибриден СУВ, кој тежи 1,7 тон. Во варијантата со преден погон, CR-V со две срца спринтува до темпо сто за 8,8 секунди, додека со погон на сите тркала се потребни четири десетинки повеќе. Крајната брзина е ограничена на 180 километри на час. Преку командите на воланот може да се мести силината на „моторното“ сопирање – секако дека тоа не резултира само од бензинецот, туку во многу поголема мера доаѓа од електромоторот, којшто забавувањето го користи за да испорача енергија назад во батеријата. Според Honda, потрошувачката изнесува 5,3 литри бензин на сто километри, при емисија на СО2 од 120 g/km.
Освен во погонот, Honda CR-V Hybrid е идентична со моделските верзии со обичен погон, кои во македонскиот ценовник на Honda стартуваат од 35.990 евра за верзијата со ниво на опрема Comfort. Должината на возилото е непроменета во новата генерација, но има околу три сантиметри подолго меѓуоскино растојание. Овој плус најмногу оди во корист на патниците на задната клупа.
Батеријата одзема простор од багажникот, но и 497 литри не се „малку“
Поради тоа што батеријата е сместена под багажникот, неговата стандардна зафатнина кај CR-V Hybrid изнесува 497 место 561 литри, односно максимално 1.694 литри со соборена клупа. Со доплата, багажникот се отвора со замавнување под браникот. Хибридната варијанта уште не се појавува во ценовникот на Макпетрол за македонскиот пазар. Тоа може да се очекува напролет, кога новата варијанта ќе биде достапна на европскиот пазар.
Извесно е дека Honda CR-V Hybrid ќе има супериорно ниво на опременост, барем судејќи по тоа што уште основното ниво Comfort доаѓа со комплет радари, сензори и камери, кои ја обезбедуваат работата на десетина системи за асистенција (приспособлив темпомат, следење лента со корекција на правец во свијоци, eCall, камера за знаци, самостојно запирање при опасност и др). На тоа следат уште електрична паркирна сопирачка, грејачи во предни седишта, диодни светла или алу-бандажи од 17 инчи.
Најголемата предност на хибридниот CR-V ќе биде токму цената, и токму на македонскиот пазар. Автомобилите со хибриден погон се ослободени од акциза, којашто за возила над 30.000 евра изнесува најмногу 18 проценти. Колку точно ќе изнесува цената во Македонија во моментов не може да се шпекулира, но е сосем извесно дека големиот камбек на CR-V претстои.
[FAG id=36037]
Honda HR-V е староседелецот во сегментот на СУВ-возилата
Џенсон Батон ја комплетира серијата рекорди на Honda Civic Type R
Honda CR-V без дизел, но со хибрид
Се враќа „злобната тревокосачка“ на Honda