Ferrari упорно одолева на предизвикот да направи теренски автомобил, но и новиот GTC4Lusso ќе биде сосема доволен. Сé е четворка: Погон на 4 тркала, 4 седишта – и управување на 4 тркала.
За првпат Ferrari комбинира погон на сите тркала и управување на сите тркала. Наследникот на Ferrari FF пристига на салонот во Женева како GTC4Lusso, со управување и на задната оска како новитет. Италијанците ја објаснуваат причината за тоа: „Автомобилот е дизајниран за клиенти што сакаат да го доживеат задоволството на возење Ferrari кога било и каде било, без разлика дали се работи за куси свијоци или долги патувања, снежни планински патишта или градски улици, соло или во друштво со три среќни сопатника.“
Намерата е сосема на место. Тоа што Маранело го нуди со новиот GTC4Lusso е всушност Ferrari за секоја пригода, со моќта и динамиката што се главно обележје на марката, но и со комфор и практичност што ќе спречат клиентите да заминат кај конкуренцијата. Дека планот со претходникот FF успеа во тој поглед, докажува фактот дека марката доби нов круг клиенти, кои во просек возат за 30 проценти повеќе километри отколку сопствениците на стандардните тркачи на марката.
Ознаката GTC4Lusso се повикува на историскиот 330 GTC и на неговата верзија со седишта во конфигурација 2+2, на Ferrari 330 GT, како еден од омилените модели на Енцо Ферари. Моделот се повикува и на 250 GT Berlinetta Lusso, кој своевремено понуди врвен спој на елеганција и високи перформанси. Четворката алудира на четирите седишта.
Најдобрата вест е тоа што моторот ја преживеа турбоманијата, односно е преземен неизменет од FF. Дванаесетте цилиндри и 6,3-те литри испорачуваат 690 КС при 8.000 вртежи и вртежен момент од 697 њутнметри при 5.750 вртежи, со 80-проценти од максимумот понуден веќе при 1.750 вртежи. Отсуството на турбо значи дека „фераристите“ и натаму ќе можат да уживаат во непридушениот звук на атмосферскиот V12. Крајната брзина е 225 km/h, спринтот до првата стотка трае 3,4 секунди. Рекордни бројки носат компресијата од 13,5:1 и тежинскиот сооднос од 2,6 килограми на коњска сила.
Иновацијата е сепак во интегрирањето на управувањето на задните тркала во погонот на сите тркала 4RM, кој соодветно на тоа сега го носи името 4RM-S. Сето тоа доаѓа во пакет со електронска контрола на диференцијал и приспособливи амортизери, со што се овозможува целосна контрола над возилото во сите услови на пат, вклучувајќи и снег, што секако претставува мајсторија ако се има предвид гигантскиот вртежен момент на дванаесетцилиндарецот.
Новитети има и во аеродинамиката. Предната маска отсега е со интегрирани отвори за воздух, во крилата се изведени канали слични на 330 GTC, додека назад има кровен спојлер и нов триделен дифузор.
Традиционалистите ќе треба да се снајдат околу „двојниот кокпит“, кој е изведен со цел и совозачот да добие дополнителна занимација во возењето, како опционален дисплеј со солидни димензии или неколку функции за ракување. Тоа што останува како обележје во кабината на Ferrari е беспрекорниот избор на материјали и нивното вградување, во стил што е својствен за Маранело.
Веќе не треба да претставува изненадување што спектаклот во возењето смее да се наруши со инфо-забавен систем, со дисплеј во висока резолуција од 10,25 инчи и капацитивна технологија на допир. Воланот е смален, благодарение на покомпактните димензии на воздушната перница, а според ветувањата на Ferrari е подобрена и ергономијата на командите на воланот.
Официјалната премиера е закажана за салонот во Женева, во март.
















