за

Toyota Prius бара само 3 литри за сто километри

Toyota планира да започне со продажба на новата генерација на хибридот Prius во вториот квартал. Со зафати во погонската спрега и во аеродинамиката, потрошувачката се намали за една петина во споредба со претходникот.

Четвртата генерација на пионерот на хибридниот погон Toyota Prius ќе започне во продажба во второто тромесечје. Најголеми подобрувања се извршени во ефикасноста на погонската спрега и во аеродинамиката на каросеријата. Новиот Prius е два сантиметри понизок, но и тежиштето се спушти за 2,5 сантиметри, што дополнително ќе придонесе за подобрување на динамиката во возењето.

toyota prius iv 007Покрај изгледот на каросеријата не е изненадување тоа што и коефициентот на отпор на воздух достигна одлична вредност на cW од 0,24. Тоа меѓу другото е постигнато со посебни облоги за кровните столбови кои имаат функција да го спроведуваат струењето на воздухот кон опашот на возилото и кон спојлерот во којшто завршува линијата на каросеријата. Со просечна потрошувачка од 3,0 литри на сто километри и емисија на СО2 од 70 грами на километар, новиот Prius се подобри од претходникот за над 20 проценти.

Според Toyota, 1,8-литарскиот мотор располага со најголем степен на ефикасност од сите сериски бензинци, со вредност од 40 проценти. Неговите 98 КС и вртежен момент од 142 њутнметри, заедно со електромоторот од 72 КС и 165 Nm произведуваат системска моќност од 122 КС. Крајната брзина изнесува 180 km/h, забрзувањето до сто трае 10,4 секунди.

toyota prius iv 006Конструиран врз нова платформа, Prius порасна во должина за шест сантиметри, на 4,54
метри, а додаде и неколку сантиметри во ширина. Кабината располага со повеќе простор во споредба со претходникот, благодарение на понискиот под што го обезбедува новата платформа. Соодветно на тоа и големината на багажникот порасна на 502 литри.

Кокпитот се прикажува во многу поубедлива форма отколку досега. Во средишната конзола се наоѓаат два дисплеја со пречник од по 4,2 инчи. Дисплејот од страната на возачот ги прикажува најважните информации за возењето, додека вториот дисплеј информира за работата на хибридниот систем и дава препораки за штедлив начин на возење.

Понудата од системи за асистенција е доведена на актуелно ниво, исто како и опременоста, вклучувајќи проекциски дисплеј и индуктивен полнач за мобилен телефон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

GTC4Lusso е Ferrari за секоја пригода – но не и за секој џеб

Suzuki со рекордни три милиони произведени автомобили лани