Во 1936 година, производителот на текстил реши да го прошири бизнисот со автомобили. Првиот автомобил на Toyota беше стопроцентна копија на Chrysler. Денес марката е најголем авто-производител и еден од најголемите иноватори.
Не е невообичаено улици да носат имиња на големи директори или фирми. Но, цел град да се нарече според името на еден концерн? Тоа е веќе реткост. Поточно, има само еден единствен таков случај. Во 1959 година, градот Коромо беше преименуван во Тојота. Во тоа време, најголемиот производител на автомобили во Јапонија имаше зад себе 23 години во бизнисот на четири тркала. Денес историјата на Toyota ја одбележува осумдесеттата година откако беше произведен првиот автомобил на Toyota, моделот AA. Овој автомобил, кој во 1936 година ги постави темелите на корпорацијата Toyota, не беше ништо друго освен јапонска копија на Chrysler Airstream.

Сé почна од текстилни разбои. Кичиро Тојода на крајот на 1920-те години го убеди својот татко Сакичи Тојота да основа автомобилска марка во рамките на текстилното претпријатие Toyoda Automatic Loom Works. За таа цел, Кичиро отпатува во САД да добие претстава како таму се одвива производството на автомобили. Тој се одушеви најмногу од робусните автомобили на Chevrolet, но на крај се реши за моделите со аеродинамична каросерија на Chrysler. Во 1930 година, Кичиро состави тим од инженери, кои имаа задача да конструираат автомобил според американските модели.
По пет години, во мај 1935, првиот прототип A-1 веќе го возеше патот до сериското производство. Или поточно, се обидуваше да вози. Прототипот откажа по само неколку километри и со коњска запрега беше вратен назад во фабриката. Проблемите беа решени до 1936 година. Моделот AA веќе беше подготвен за сериско производство, а заедно со него се појави и верзијата AB со отворена каросерија.

Во текот на втората светска војна, фабриките на Toyota беа поштедени од бомбардирањето. На крајот на 1945 година, американските воени власти дозволија Toyota повторно да започне со производство на автомобили. Во меѓувреме беа развиени пикапот Toyopet и малечкиот модел SA. Обата модела стартуваа со производство во 1947 година, како први повоени новитети од јапонските автомобилски марки.
По корејската војна во 1950 година, Toyota учествуваше на тендер на американската војска за производство на јапонски теренски автомобил, со којшто САД сакаа да обезбедат „национална полициска резерва“. Една година подоцна Toyota го претстави моделот BJ, како предок на Land Cruiser, но американската војска сепак се реши за моделот на Mitsubishi и за стопроцентна копија од оригиналниот Willys-Jeep.

Toyota реши развиениот теренски модел да го понуди во цивилна изведба како Land Cruiser, кој набрзо стекна култен статус на пазарите во САД, Европа и Африка. Овој автомобил беше совршен за да го изгради имиџот на Toyota, затоа што првите лимузини Crown и Corona сé уште заостануваа далеку зад западните стандарди во поглед на техниката и дизајнот.
Квалитетот се потврди во 1965 година, кога Toyota ја доби деминговата награда како прв производител на автомобили. Тоа очигледно им годеше на Јапонците, затоа што набрзо следеше 2000GT како прв суперспортски автомобил од земјата, но и Corolla – до денес произведена во над 40 милиони примероци. Пристигна и спортското купе Celica како одговор на Ford Capri, а потоа и семејните лимузини Carina и Camry. Јапонската марка веќе се вбројуваше меѓу најуспешните во браншата.

Се откриваа и нови пазарни сегменти, со ванот F во 1983 година, или со компактниот кросовер RAV4 во 1994 година. Еден од најзначајните историски чекори се случи во 1997 година, кога Toyota го претстави првиот сериски автомобил со хибриден погон, Prius. Две години подоцна, Јапонците решија да ја формираат премиум марката Lexus, како одговор на германското трио Mercedes, Audi и BMW.
Lexus за миг стана најуспешна премиум марка на пазарот во САД. Потоа се случи нешто што основачот Кичиро Тојода не можеше да го посака ниту на сон. Toyota стана најголема автомобилска марка на американскиот пазар, пред Chevrolet. Секако дека тоа во голем дел се должеше и на изградените производствени капацитети на американска почва.

Се реализираа и соработки со европските производители, првенствено со германските и француските марки, кои ја претворија Toyota во глобална марка. Но, Акио Тојода, внук на основачот на претпријатието, по преземањето на кормилото во 2009 година востанови дека концернот сепак се развивал пребрзо. Тој го формираше „специјалниот комитет за глобален квалитет“, со цел да се врати предноста на Toyota во квалитетот на производството.
Додека првата Toyota AA беше само копија, денес Toyota ги предизвикува сите конкуренти да ја копираат техниката од автомобилот со погон на водород Mirai. Секако дека Јапонците не го прават тоа без сопствен интерес. Toyota бесплатно ги нуди своите лиценцирани патенти за оваа технологија, со цел побрзо да се рашири погонот на водород.
















