Пробивањето на СУВ-купеата траеше подолго отколку што се надеваа производителите. Тоа е еден од главните трендови. Кинескиот Geely претстави компактен модел со закосен опаш. Наскоро ќе се појави и модел од сестринската марка Volvo, со слична форма и со истата техника.
Не е тајна дека Ли Шуфу, човекот кои стои зад кинеската марка Geely, е голем љубител на луксузните автомобили. Како сопственик на Volvo, тој веќе остави печат во овој, за многумина предизвикувачки, но и исто толку кобен сегмент. Годинава е актуелна платформата CMA, којашто ја користи Volvo XC40, а наскоро со неа ќе се појави и новата генерација на V40. Истата техника од луксузната марка ќе ја добијат идните компактни СУВ-модели и лимузини од марките Lynk&Co и Geely.
Не е тајна и дека кинескиот мултимилијардер е љубител на Mercedes. Тој е најголемиот единечен акционер во Штутгарт во моментов, со удел од близу 10 проценти. Ново е тоа што Ли почнува да се интересира и за моделите на BMW. Тоа е очигледно кога ќе се погледне компактното СУВ-купе, кој набрзо стартува со продажба на кинескиот пазар, како Geely FY11. Оваа трендовска форма ќе ја понудат и неколкуте нови кросовери на шведската марка, што следат за кусо време.
Geely неколкупати докажа дека умее да создаде оригинален и привлечен дизајн, затоа изненадува оваа полукопија на BMW X4
Изгледот на FY11 е многу сличен со BMW X4. Тоа е неочекуван потег од Кинезите, кои со досега претставените модели докажаа дека се способни самостојно да креираат привлечен и оригинален дизајн. Постојат неколку разлики во деталите кај Geely FY11, но пропорциите се речиси стопроцентно верни на баварското СУВ-купе.
Слична форма ќе има новиот Volvo V40, чијашто премиера се очекува годинава. За разлика од постоечкиот модел, кој е класична комбилимузина, наследникот ќе прерасне во кросовер во компакт класата. Концептниот автомобил 40.2 од 2016 година веќе покажа во кој правец ќе се развиваат работите.
Geely засега открива само малку податоци за FY11. Под хаубата работи дволитарски турбо-бензинец со моќност од 238 КС и вртежен момент од 350 њутнметри. Моделот ќе се нуди во изведба со преден погон и со погон на сите тркала. Уште не е потврден датумот на почетокот на продажбата во Кина. Покрај СУВ-купето, Geely годинава ќе претстави уште лимузина со погон на струја и повеќенаменско комби, како два нови сегменти за марката.
Geely ги лови продажбите на Volkswagen и GM во Кина
Ова се најважните автомобилски новитети во 2019 година
Volvo со рекордна година и првпат над 600.000 возила