Додека целиот пазар на автомобили во Кина се зголемил за само два проценти од почетокот на годинава, порастот кај Geely изнесува дури 43 проценти
Geely стана трет најголем производител на автомобили на кинескиот пазар, откако ги престигна продажбите на јапонските гиганти Nissan, Honda и Toyota. Со новите модели од автомобилските марки што му припаѓаат на холдингот и од коишто се очекува да ги привлечат помладите купувачи, Geely се впушта во лов на водечката двојка, концерните Volkswagen и General Motors.
Приходот во првите шест месеци се зголемил за 54 проценти. Автомобилскиот производител е на сигурен пат да ги надмине планираните 1,58 милион продадени автомобили за годинава.
Компанијата во сопственост на милијардерот Ли Шуфу вложува масовно во електричниот погон и во автономното возење, кои се двата главни столба на иднината на автомобилизмот. Geely на тој начин се бори за преземање на лидерството на најголемиот автомобилски пазар во светот. Големи надежи се вложуваат и во моделите од марката Lynk, којашто користи техника и искуства од Volvo, уште една марка во сопственост на Geely.
Уделот на марките на Geely на кинескиот пазар во првото полугодие се зголеми на 6,4 проценти, од пет проценти во истиот период лани. Со продадени 766.530 возила, концернот го престигна Nissan, кој до јуни продаде околу 720.000 возила. Ланската продажба на кинескиот автопроизводител изнесуваше 1,25 милион возила.
Geely ги поседува Volvo, Lotus, Proton, газдата Ли Шуфу е најголем акционер во Daimler. Што е следно?
Ли Шуфу продолжува со преземањето контрола во останатите автомобилски компании. Откако во 2010 година го презеде Volvo од Ford, милијардерот инвестираше во традиционалната британска марка Lotus и во малезискиот Proton, кој пред две децении имаше обид да се пробие и на европскиот пазар. Најголемиот бизнис потфат беше преземањето удел од 9,7 проценти во Daimler, со што Geely стана најголем единечен акционер кај производителот на Mercedes.
Geely постигнува фантастичен напредок на кинескиот пазар. Во услови кога пазарот од почетокот на годинава забележува пораст од само 2 проценти, продажбата на автомобили од компанијата на Шуфу напредувала за дури 43 проценти.