за

Само за милијардерски очи: Aston Martin DB5 за хоби-шпиуни

aston martin db5 nova serija

Колекционерите ќе бидат пресреќни за овој Aston Martin DB5. Филмскиот автомобил на Џејмс Бонд ќе се изработи во 28 примероци, со сите изуми од работилницата на Кју и од истата фабрика од којашто излегуваше оригиналот пред половина век

По две недели прикажување во кината, „Голдфингер“ во 1964 година им донесе на продуцентите 2,9 милиони долари. По три недели, приходот од карти беше поголем од трошоците за снимањето на филмот. Оваа филмска епизода за најславниот таен агент на сите времиња се запиша во Гинис. Не постоеше друг филм што за толку кусо време донел повеќе пари од „златопрстиот“.

Оттогаш се изминати 54 години. Главните улоги ги имаа Шон Конери, Пуси Галор, а за првпат и сребрен Aston Martin DB5. Оригиналот во 2010 година постигна 3,5 милиони евра на наддавање во Сотби. Еден од 25-те примероци, што Aston Martin ќе ги изработи за колекционерите, нема да чини помалку од 3,1 милиони евра.

aston martin db5 nova serija 1

Во Aston Martin и самите забележуваат дека тоа се многу пари, за автомобил што нема да смее да се вози по улица. Затоа, пак, DB5 ќе располага со сета дополнителна опрема, којашто на Џејмс Бонд му беше мошне корисна за извлекување од опасните ситуации на филмското платно. Фината британска марка засега не открива кои точно ставки од опремата ќе ги вградува.

Механизмот со трите регистерски таблици што се менуваат по потреба, раната верзија на систем за навигација и заштитата рамка за задното стакло којашто е отпорна на куршуми се релативно безопасни во споредба со останатото што го поседуваше филмскиот Aston Martin DB5. Од вториве, филмофилите ќе се присетат на катапултирачкото совозачко седиште, на митралезите сокриени зад крилата, на димните бомби и на прскалките за масло.

Под малечкиот капак на рачката на менувачот се наоѓаше црвено копче, за откачување на покривот и активирање на катапултирачкото седиште. Ова копче веројатно ќе остане во „новите“ примероци. Ножевите во тркалата веројатно ќе бидат изоставени, за разлика од ГПС-тракерот или автотелефонот сокриен во возачката врата.

Џејмс Бонд и неговиот Aston Martin DB5 станаа поп-икони и прераснаа во едно од најуспешните и најдолги филмски партнерства

Во фабриката во Њупорт Пагнел ќе се изработат 28 реплики на DB5. Таму се произведуваше оригиналната моделска серија. По еден примерок ќе остане за Aston Martin и за продуцентската фирма Eon Productions, еден оди за хуманитарно наддавање, а 25 примероци одат во возните паркови на колекционерите кои можат да си ја дозволат цената.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes avtobusi sistemi asistencija

Автобусите на Mercedes со повеќе системи за асистенција и од S-Class

Lynk & Co 01, Geely

Geely ги лови продажбите на Volkswagen и GM во Кина