161
21 shares, 161 points

Уште една победа на 1.0 Ecoboost моторот на Ford во изборот за светски мотор на годината. Тој е најдобар во категоријата до 150 КС. Но, кариерата штотуку почнува. Наскоро следи негово вградување во благите-хибридни изведби на Fiesta и Focus, како и во плагин-хибридните Transit Custom и Tourneo Custom.

Кој е моторот на Ford што е моќен, штедлив и се вградува во сите класи и сегменти – и единаесетпати е наградуван за најдобар мотор во светот? Еднолитарскиот Ecoboost денес освои уште една награда во изборот за светски мотор на годината, кусо (Iepoty) во категоријата до 150 КС. Од првото вградување во 2012 година, овој турбо мотор што располага со многу повеќе технологија отколку цилиндри (подбуцнувањата од овој тип одамна изгубија смисла), не им го препушта врвот во својата категорија на конкурентските мотори.

Ford Focus, најпродавани модели Германија
Тест на Ford Focus 1.0 EcoBoost

Во најмоќната изведба, 1.0 Ecoboost постигнува 140 КС, а лани се вградувал во секој четврти автомобил на Ford. Тоа дава вкупно 410.000 автомобили со малечкиот турбо бензинец, од Fiesta, преку Focus, до Transit Connect. Инженерите станаа толку комотни околу овој мотор, што веќе извесно време вградуваат технологија за деактивирање на еден цилиндар. При послабо и рамномерно оптоварување, 1.0 EcoBoost работи како двоцилиндарец, заради заштеда на гориво и помалку штетни материи во средината.

Нова генерација на 1.0 EcoBoost ќе почне да се вградува и во други модели на Ford во текот на годинава. Извршени се подобрувања во главата на моторот, во впрскувањето и во пречистувањето на издувните гасови, но и во самиот турбокомпресор, во впрскувањето под висок притисок и во варијабилната работа на брегастото вратило.

Од дебито пред седум години, најмалечкиот Ecoboost е вграден во 1,6 милион возила на Ford

Жири од 70 судии од 31 држава му додели 145 бодови на Ford 1.0 EB во категоријата до 150 КС, со што тој се пласираше пред моторите од BMW, PSA, Toyota и Volkswagen.

Еднолитарецот наскоро ќе работи во хибридна погонска спрега, во Fiesta и Focus. Место обичен алтернатор, во новите хибриди на Ford ќе работи стартер-алтернатор со погон преку ремен, во 48-волтна мрежа.

ford transit custom phev keln test

Принципот на благ-хибрид е познат: Стартер-алтернаторот работи како генератор на струја при сопирање и пуштање возилото да се движи под инерција; Со оваа енергија се полни батеријата, која потоа испорачува струја за погон на стартер-алтернаторот при поаѓање и нормално забрзување. Моторот на тој начин се растоварува, потрошувачката се смалува, особено во град. Со вградување поголем турбополнач, моќноста на благата-хибридна изведба ќе достигнува 155 КС.

Еднолитарскиот EcoBoost ќе работи и во комбинација на плагин-хибрид, во идните верзии на комбето Transit Custom Plug-In Hybrid и на патничката изведба Tourneo Custom Plug-In Hybrid. Тоа е премиера во сегментот. Transit со две срца веќе подолго време се тестира во реален сообраќај во Лондон, Валенсија и Келн.

Сите титули на Ford 1.0 EcoBoost во изборот за светски мотор:
  • Севкупен победник: 2012, 2013 и 2014
  • Најдобар нов мотор: 2012
  • Најдобар мотор под 1.0 литар: 2012, 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017
  • Победник во категорија до 150 КС: 2019

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

161
21 shares, 161 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *