Некои автомобили стануваат сé повеќе посакувани како што минуваат годините. Ford Capri се рекламираше како „необично возило за обичниот пазар“, но во себе носеше големо волшебство. Половина век од првото појавување на спортското купе
Едноставна техника спакувана во привлечна каросерија, но на начин што прави колата да поседува карактер и да биде посакувана. Секаков обид да се опише формулата, според којашто се создаваа легендарните модели од помладаата автомобилска историја, завршува неуспешно. Не постои формула. Постојат само автомобили со душа. Еден од нив, Ford Capri.
Кога Ford првпат го претстави Capri пред светот во 1969 година, тој се издвојуваше од вообичаената рамка. Спортското купе располагаше со многу попросторна кабина во споредба во останатите купеа, со пристоен багажник исто така, по цена далеку под конкурентите.
Формата на оваа легенда на четири тркала потекнува од Филип Т. Кларк, американскиот дизајнер кој претходно го создаде Ford Mustang. Моделот беше наменет за сите. Capri им беше достапен на младите купувачи, но го сакаа и повозрасните возачи, поради практичноста и просторноста. Подвозјето беше преземено од лимузината Ford Taunus, заедно со крутата задна оска со листести пружини.
Ford Capri всушност требаше да го носи името Colt, но Mitsubishi веќе го користеше во својата моделска понуда
Премиерата се случи во јануари 1969 година, на салонот во Брисел. Првично беше замислено купето да го носи името Colt, но потоа се воспостави дека Mitsubishi го користи тоа моделско име.
Продажбата стартуваше со пет варијанти: 1300, 1500, 1700 GT, 2000 и 2300 GT. Дијапазонот на моќност се движеше од 50 до 108 КС, со V4-мотори до 1,7 литар, односно V6-мотори за двата најсилни модела, кои се препознаваа по грпката на хаубата. На Capri 1300 му беа потребни 22,7 секунди за спринт до темпо 100, но затоа најбрзиот GT спринтуваше за само 10,6 секунди. Голема разлика имаше и во крајната брзина, од 133 до 178 km/h. Тоа се вредности што денес ги надминува и Fiesta.
Најголемата сензација беше цената: Старт од 6.995 германски марки
Во есента 1969 година беше претставена „фризирана“ изведба на 2300 GT, со поостро брегасто вратило, преправки во палењето и карбураторот и двоен издув. Моќноста се искачи на 190 КС, a соодветно се сменија и спринтот (9,8 s) и крајната брзина (190 km/h).
Ford буквално имаше проблем да ја покрие побарувачката на пазарот. За неполни девет месеци беа произведени 75.000 примероци од Capri во фабриката во Келн. Автомобилот паралелно се произведуваше и во Хејлвуд, во Англија. Во август 1973 година, продукцијата во двете фабрики надмина еден милион примероци. По пет години од дебито, продажбата на купето уште растеше.
Врвот во гамата на Capri му припадна на 2600 RS, како основа за хомологација за трки
Во меѓувреме, моторите V4 беа заменети со 1,3- и 1,6-литарци, со 55 и 72 КС, односно 88 КС. Секако дека и трилитарскиот V6 со 140 КС, од Granada и Consul GT, проработе под долгата хауба на Capri.
Една моделска изведба останува запаметена до денес: Capri 2600 RS, со цена од 15.800 германски марки, со шест цилиндри, механичко впрскување гориво Kugelfischer, спуштено подвозје и 150 КС. Сето тоа беше заокружено со мат црна хауба и двојни светла. Од овој модел се изработија 1.000 примероци, заради хомологација за мотоспорт.
Наскоро следат уште две продолженија, за двете генерации до 1986 година.
Кога Ford Focus добива мотор од Mustang станува Focus ST
Тест: Ford Focus 1.0 125 КС Titanium Business
Хибриден Mondeo во салонот на Ford во Скопје
Ford Focus е автомобил на годината во Хрватска
Врски до објавите за следните две генерации на Ford Capri:
⇒ За 50-годишниот јубилеј на Ford Capri: Втора генерација (1974 – 1977)
⇒ Половина век на Ford Capri: Дивите години на третата генерација (1978 – 1986)