Кон крајот на ноември во Келн ќе биде претставена новата генерација на Ford Fiesta. Наследникот на најпродаваниот модел во својата класа ќе биде поголем и поскап за да остави повеќе простор за игра за Ka+, како нов основен модел на Ford.
Моделот на Ford којшто во своето четириесетгодишно опстојување има оставено длабоки траги во сегментот на градските автомобили ќе се појави во ново издание. На крајот на ноември, во седиштето на Ford во Келн ќе биде претставена новата генерација на Fiesta. Пристигањето на малечкиот Ka+ како нов основен модел на марката со синиот овал услови новата Fiesta да порасне во димензиите и во спецификацијата.

Во иднина, моделот со веселото име ќе настапува со повисок квалитет, поблагородни материјали, повеќе опрема и веројатно со повисока цена во споредба со постоечкиот модел. Платформата останува иста, што значи дека и новата Fiesta ќе се базира врз познатата платформа Global B. Димензиите ќе пораснат незначително, на близу четири метри. Во поглед на нејзините главни одлики – динамичните возни својства и врвната управливост во класата – Fiesta и натаму ќе биде „старата“.
„Новата Fiesta ќе биде нашиот најдобар претставник на Ford, забавна, со спортски возни својства и со исклучителен карактер, верно на духот на иконскиот малечок автомобил којшто одушеви многубројни генерации купувачи во изминатите 40 години“
Џим Фарли, шеф на Ford Europe
Ford вложува многу во можностите за поврзување и користење преносни уреди и сосема е извесно дека новата Fiesta повторно ќе постави стандарди во класата во тој поглед. Карактеристичниот распоред на командите во средишната конзола ќе биде напуштен во новата генерација и истиот ќе се замени со помалку „весело“ решение. Нема да отсуствуваат ниту системите за асистенција што Ford веќе ги вградува во останатите модели, вклучувајќи систем за следење лента, самостојно запирање при опасност и други безбедносни системи.
Понудата од мотори целосно ќе ја сочинуваат трицилиндарци со турбонатполнење од одликуваната генерација Ecoboost, со исклучок на спортските верзии на Fiesta, кадешто ќе работат четирицилиндарци.
Заедно со Fiesta, во ноември ќе биде претставена новата стратегија Smart Mobility, исто како и нови технологии за заштеда на гориво и нови доставни возила.
















