за

Jaguar I-Pace е најспектакуларниот концепт на Британците – и вози на струја

Тоа што германските марки несмасно се обидуваат да го преточат во купе-теренци, кај Jaguar сега се покажува во вистинската форма. I-Pace изгледа поразлично од било што на четири тркала, во него има елементи и од суперспортско купе и од семеен ван, а кога ќе се појави како сериски модел по две години, во него ќе работи електричен погон од следната генерација.

Кога Jaguar I-Pace ќе се појави во сериската изведба на пазарот во 2018 година, тој ќе биде најинтелигентниот спортски автомобил со пет седишта: Семеен автомобил, теренец и спортски болид во едно. Британците ветуваат и перформанси што се достојни за марката Jaguar, како и досег и време за полнење на батериите што ќе направат I-Pace да биде вистинска алтернатива за премиум теренците со обичен погон.

Над 500 километри автономија и полнење на батериите за час и половина

Компактните димензии на електричната погонска спрега исто така се заслужни за невообичаениот изглед на купе-теренецот на Jaguar. Досегот со полни батерии со капацитет од 90 киловатчасови ќе изнесува над 500 километри, а нивното полнење до 80% од капацитетот ќе трае само час и половина, односно нешто повеќе од два часа до 100% на брз полнач од 50 киловати. Со 400 КС и 700 њутнметри на двата електромотора на предната и задната оска, забрзувањето до 100 km/h ќе трае околу четири секунди.

Jaguar I-Pace

За возните својства да го следат тоа што се најавува со изгледот на купе-теренецот, во подвозјето се користи истата конфигурација како во F-Pace или XE, со две триаголни водилки за предната оска и интегрална задна оска. I-Pace профитира и од тоа што батериите вградени во подот придонесуваат тежиштето на возилото да се спушти значително.

Компактните димензии на погонската спрега оставаат многу слободен простор

Тоа што каросеријата долга 4,68 метри може да понуди изобилство простор за петмина патници, заедно со багажник од 530 литри и дополнителен простор под хаубата исто така се должи на малите димензии на електромоторите на обете оски. Тие се долги само 50 сантиметри, додека пречникот им изнесува 234 милиметри – неспоредливо со просторот што е потребен за мотор со внатрешно согорување, исто како и со местото што го зафаќаат сите преносни механизми кај обичниот погон.

Jaguar I-Pace

Батерискиот модул составен од 36 единечни ќелии користи литиум-јонска технологија со никел-кобалт-манган хемија. Овој вид батерии е избран поради комбинацијата од висока енергетска густина и способност за задржување висок напон во подолго времетраење, што значи дека I-Pace нема да ги троши батериите пребрзо при подинамично возење. Топлинската пумпа е составен дел од батерискиот систем, со функција да ја користи надворешната топлина за загревање на кабината, што ги растоварува батериите од таа задача.

I-Pace пристига заедно со Mercedes EQ, Audi E-Tron и BMW i-Next

Jaguar I-Pace сепак нема да биде единствен електричен теренец во премиум сегментот кога ќе се појави на пазарот во 2018 година. Можеби ќе биде само чекор пред останатите. Mercedes го подготвува EQ, Баварците напредуваат со BMW i-Next, а ја најавија и електричната верзија на X3, додека Audi исто така го има потврдено стартот на E-Tron. Штотуку станува возбудливо со погонот на струја.

[FAG id=26308]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Формула Е вози круг побрзо од лимузините во WTCC

Ford ќе ја претстави новата Fiesta на 29-ти ноември