Италијанците го претставија Fiat 500X во Париз. Не е важно тоа што ја дели техниката со Jeep и што погонот на сите тркала е опција само со најсилниот мотор. Кросоверот изгледа одлично и тоа денес е најважно.
Сите големи марки без исклучок имаат најмалку по еден кросовер или спортски теренец во понудата, а повеќето и по неколку. Но, нешто сепак недостигаше. Италијанско автомобилче, на пример. Симпатично, темпераментно, радосно. Исто како Fiat 500X, новиот член во моделското семејство на Fiat 500. Кросоверот долг 4,25 метри, широк 1,8 метар и висок 1,61 метар, како што веќе претходно најавивме, ја дели техниката со Jeep Renegade.
Кросоверот на Fiat во почетокот ќе биде достапен со 1,4-литарски бензинец Multiair II со турбонатполнење и 140 КС, како и со 1,6 литарски и дволитарски дизели MultiJet II со 120 и 140 КС. Погонот на сите тркала и деветстепениот автоматски менувач во првичниот период се достапни само за најсилниот дизел. Подоцна следуваат 1,6-литарски бензинец со 110 КС, верзија на 1,4-литарскиот бензинец со 170 КС и 2,4-литарски бензинец со 184 КС. Последниве два мотора ќе бидат комбинирани со погон на сите тркала и деветстепен автоматик. Кај дизелите ќе следуваат уште 1.3 MultiJet II со 95 КС и 2.0 MultiJet II со 140 КС (со 6-степен мануелен менувач и погон на сите тркала).
Fiat ќе го нуди новиот 500X во два стила на каросеријата, едниот со поголем нагласок на теренскиот карактер на возилото, вториот повеќе приспособен за парадирање по урбаната средина.
















