Францускиот концерн PSA Peugeot Citroen има вишок мотори откако BMW и Ford се префрлија на мотори од сопствено производство.
PSA преговара со најмалку три потенцијални купувачи за 1,6-литарските бензински мотори што Французите ги произведуваа за BMW, како и за големите дизели што се испорачуваа за Ford. Обата партнера ја прекинаа соработката откако PSA ја потпиша кратковечната алијанса со General Motors. Во моделите на Ford ќе продолжат да се вградуваат само помалите дизелски мотори.
BMW разви нова генерација мотори што ја вградува во серијата 1, како и во моделите на Mini, додека Ford се откажа од моторите на PSA со зафатнина од два и преку два литри. Французите имаат право да ја продолжат продажбата на овие мотори и според изјавите на шефовите постојат повеќе заинтересирани страни за нив. Прекинот на соработката со BMW и ослабената кооперација со Ford поставува прашање дали францускиот концерн ќе биде во состојба самостојно да развие нови мотори што ќе ги исполнуваат идните заострени норми за издувни гасови.
















