Ferrari во понеделникот вредеше повеќе на берзата отколку американскиот гигант General Motors. Премиум-производителите Daimler и BMW имаат само незначително повисока вредност од италијанскиот специјалист за спортски автомобили.
Ferrari во своите две фабрики произведува неспоредливо помалку возила од американскиот гигант и „милионер“ General Motors, но затоа неговата вредност на берзата е поголема. Пазарната капитализација на Италијанците во понеделникот на моменти надминуваше вредност од 30 милијарди долари на берзата. General Motors моментно вреди 29,7 милијарди долари, додека конкурентите Ford и Fiat Chrysler се наоѓаат на 19,3 односно 13 милијарди долари.
Причина за високата вредност на Ferrari во споредба со големите концерни е тоа што производителот на спортски автомобили, и покрај смалените бизнис-прогнози, добро ја минува кризата и не бележи толку масивно опаѓање на продажбата како „големосериските“ гиганти во браншата.
Ferrari произведува одвај 10.000 автомобили годишно, во споредба со милионските продукции на Toyota, Volkswagen или GM. Разликата е во маржата. Според последните биланси, Ferrari заработува по една четвртина од продажната цена на своите автомобили, додека масовните производители дури и во најдобрите години мора да бидат задоволни со само неколку проценти.
Tesla е царот!
Додека курсот на повеќето производители на автомобили ослабна поради корона-кризата, акциите на Ferrari денес вредат повеќе отколку пред една година. BMW на берзата вреди 37 милијарди долари, Daimler минимално заостанува со 35 милијарди долари. Пазарен лидер е Volkswagen. Тоа се вредности за кои калифорнискиот електро-пионер може задоволно да се смешка. Tesla на берзата моментно постигнува вредност од преку 141 милијарди долари, што значи приближно исто колку Volkswagen, Daimler и BMW заедно.

















