за

ЕУ забранува продажба на нови дизели и бензинци по 2035 година

Лоби групацијата на европските производители на автомобили ACEA побара ЕУ да создаде законски рамки со коишто ќе се забрани регистрирање нови возила со обичен мотор по 2035 година.

турбо дизел знак

Европската Унија постигна договор со којшто ќе се забрани регистрирањето нови автомобили со мотор со внатрешно согорување по 2035 година. Со овој чекор од корен се менува мобилноста, со цел да се намали емисијата на јаглероден диосид.

Трите клучни институции на ЕУ, нејзината извршна власт, парламентот и државите членки, синоќа постигнаа договор со којшто од производителите на автомобили се бара по 2035 година да произведуваат единствено возила со нулта емисија на СО2.

Одлуката значи дека од средината на следната деценија не ќе може да се регистрираат нови автомобили со бензински или дизел мотор за користење по патиштата во Унијата . На тој начин ќе се забрза преоѓањето на возен парк што ќе се состои од целосно електрични возила.

Со договорот се бара и возилата што ќе се продаваат по 2030 година да имаат за 55 проценти пониска емисија на СО2, во споредба со 2021 година. Тоа е значително построгo во однос на претходната цел, со којашто се предвидуваше намалување за 37,5 проценти.

„Тоа е почеток на големата транзиција на Европската Унија“, изјави Јан Хаутема, главниот парламентарен преговарач.

Договорот претставува неочекувано брзо напредување во насока на една од најконтроверзните стратегии на ЕУ, откако истата беше најавена пред една година, како дел од насочувањето на економијата на Унијата кон чиста животна средина и зачувување на климата.

„Европските прозиводители веќе покажуваат подготвеност да го искачат следното скалило, со зголемување на бројот на електрични автомобили што се достапни на пазарот и на нивната продажба“, изјави ЕУ-шефот за клима, Франс Тимерманс. „Впечатлива е брзината со којашто се случуваа овие промени во последните години.“

Договорот води и кон промени во светски рамки. Како најголема економска заедница во светот, ЕУ поставува глобални стандарди и дом е на некои од најголемите производители на автомопбили.

Volkswagen, Stellantis, Ford, Bentley и Jaguar се дел од производителите што најавија дека по 2035 година нема да продаваат возила со бензински и дизел мотор во Европа. Постојат неколку исклучоци. Советот и Парламентот се сложија, производителите што имаат специфична клиентела и мала продукција, како што е Lamborghini, да добијат едногодишно одложување за да ја достигнат целта за нулта емисија.

Стравување од „Хавана ефект“

„Со нетрпение очекуваме да видиме како рамковните услови што се клучни за исполнувањето на оваа цел ќе бидат применети во законите на ЕУ“, изјави Оливер Ципсе, претседател на здружението на европски производители ACEA и извршен директор на BMW. „Тие вклучуваат изобилство од обновлива енергија, беспрекорна приватна и јавна мрежа од станици за полнење и пристап до суровини“, дополнува Ципсе.

Тоа ќе биде прва одредба што е одбрена во рамките на плановите за животна средина на ЕУ, коишто се водат под името „Fit for 55“. Овие планови предвидуваат намалување на емисијата на стакленички гасови за 55 проценти до крајот на деценијава.

Некои страни го критикуваат договорот и наведуваат дека тоа може со текот на времето да доведе до натрупување на постари возила со висока емисија на штетни гасови, коишто ќе бидат многу помасовно застапени по патиштата, отколку новите генерации возила со нулта емисија на штетни материи.

„Со денешниот договор се зголемуваат изгледите да дојде до Хавана ефект“, изјави Јенс Гисеке, од конзервативната Европска Народна Партија. „По 2035 година, нашите улици може да станат преполни со стари автомобили, поради тоа што новите автомобили ќе бидат недостапни или недостижни. Денешниот договор ја треснува вратата за нови технолошки достигнувања и сите јајца ги става во една корпа. Тоа е погрешно.“

Зелените политичари го поздравија планот, со којшто ЕУ ќе стане најголема економија, што ќе стави забрана за возила што ја загадуваат животната средина. Автомобилите и доставните возила учествуваат со 16 проценти во вкупната емисија на сите стакленички гасови во Европа, посочуваат лобистите.

„Конечно се одброени деновите на моторот што блуе јаглероден диоксид и загадува. Поминаа 125 години откако Рудолф Дизел воведе револуција во ефикасноста на моторите, но законодавците дури сега решија следното поглавје да биде напишано од почистите и подобри електрични возила. За здравјето на планетата и на човештвото, тоа требаше да се случи многу порано“, изјави Јулиа Полисканова, директорка за возила и електромобилност во бриселското лоби Транспорт & Животна средина.

Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Франција и Германија ќе субвенционираат само европски електрични автомобили

Alfa Romeo Giulia и Stelvio со светла по пример на Tonale