за

Франција и Германија ќе субвенционираат само европски електрични автомобили

Франција и Германија договараат планови со цел да се заштитат производителите на електрични автомобили во Европа, откако САД решија да даваат субвенции само за домашни возила.

Францускиот претседател Емануел Макрон бара подршка од германскиот канцелар Олаф Шолц, за нов план што ќе им помогне на европските производители на автомобили да си ги заштитат домашните пазари, откако американскиот претседател Бајден одреди масивни субвенции да се добиваат само за електричните автомобили што се произведени во Северна Америка.

Двете земји можеби не се согласуваат околу политиките за одбрана и енергетика, меѓутоа Париз и Берлин се сложуваат околу потребата, Европската Унија да преземе повеќе мерки, со цел да ги заштити домашните индустрии.

Во интервју за вториот канал на државната телевизија, по средбата со Шолц во Париз, Макрон изјави дека двајцата лидери се сложуваат околу идејата, за субвенциите за електрични автомобили на ЕУ, да се користат само за возила од европска продукција.

На тој начин ќе се намалат последиците од американскиот Акт за намалување на инфлацијата, којшто меѓу останатите провизии предвидува и субвенции само за електрични автомобили што се произведени во Северна Америка.

„Кина и САД ги штитат своите индустрии, но Европа останува отворена на сите ветришта, и тоа мора да го смениме“ изјави Макрон за каналот Франс 2. „Франција и Германија мора да се држат заедно, затоа што бевме премногу отворени, затоа што голем дел од нашите производители на автомобили продаваат масивно во Кина и не сакаат да ги изгубат пазарите.“

Макрон во 2017 година се залагаше за закон за јавни набавки што беше именуван „Buy European“ и којшто требаше да важи за компаниите што повеќе од половина од својата продукција ја реализираат во Унијата. Тој мораше да се откаже од идејата, поради противењето од Брисел.

Германија исто така се противеше на планот, посочувајќи на последиците што тој ќе ги предизвика во трговијата со Кина и со САД, главно за производителите на автомобили Volkswagen Group, Mercedes-Benz и BMW.

Нештата се сменија драстично, откако пандемијата покажа колку Европа е зависна од синџирите на добавувачи од прекуокеанските региони. Враќањето на идејата за „Buy European“ за електрични автомобили може да предизвика компликации, без разлика што и Германија се сложува со идејата.

Потребни се нови спогодби за слободна трговија. Покрај тоа, идејата за „Купувај европски“ им противречи на постоечките одредби на ЕУ и на спогодбите со светската трговска организација. Постои опасност од поттикнување трговска војна, доколку и останатите држави воведат слични мерки.

Франција дава повеќе субвенции за електро-возила за домаќинства со помал буџет

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford заминува од Русија, некогаш беше пионер

турбо дизел знак

ЕУ забранува продажба на нови дизели и бензинци по 2035 година