за

Франција дава повеќе субвенции за електро-возила за домаќинства со помал буџет

Домаќинствата со понизок буџет во Франција ќе добиваат субвенција во висина од 7.000 евра при купување електричен автомобил, што е две илјада евра повеќе од редовното субвенционирање.

Stellantis и Renault на вчера отворениот салон на автомобили во Париз ги открија пред јавноста новите електрични автомобили од домашно произвдство. Претседателот Емануел Макрон објави дека земјата ќе ги зголеми субвенциите, за на семејствата со ограничен буџет дополнително да им се олесни купувањето електричен автомобил. Со тоа воедно се поттикнува и домашното производство.

Во интервјуто за францускиот економски дневник „Лес Ехос“, пред посетата на Салонот, Макрон објави дека субвенциите за електрични автомобили за семејствата со пониска заработка, од следната година ќе се зголемат на 7.000 евра, од сегашните 6.000 евра. Во исто време, субвенциите за останатите категории купувачи ќе се намалат на 5.000 евра.

Тој додаде дека шемата на „социјален лизинг“, што ќе им помогне на домаќинствата со пониски примања да изнајмат за користење електричен автомобил по месечна рата во висина од 100 евра, ќе стартува во почетокот на 2024 година.

Повеќето електрични автомобили се поскапи од споредливите модели со обичен мотор на фосилно гориво и се недостапни за широк круг купувачи. „Имаме подготвено индустриска стратегија за луѓето да купуваат француско (француски автомобили) сé повеќе и повеќе“, изјави Макрон за дневникот.

Недоволниот број на електрични модели од француско производство е мошне чувствителна тема на салонот на автомобили во Париз, на домашна територија, додека кинеските марки автомобили остваруваат многу повпечатливо присуство.

Освен застарениот Renault Zoe, новиот Megane, доставниот Kangoo и два малечки СУВ-модели што доаѓаат од Opel и DS, марки на Stellantis, сите останати електрични модели на француските марки и концерни се произведуваат надвор од Франција.

Тоа ќе почне да се менува в година. Електричните верзии на Peugeot 308 и на фастбекот Peugeot 408, што вчера ја имаше својата светска премиера, ќе се произведуваат во Мулуз, во источна Франција. „Кажавме дека Stellantis ќе ја заштити европската, а посебно француската автомобилска индустрија“, изјави извршниот директор Карлос Таварес. „Тоа е реалност“.

Таварес најави дека бројот на модели, што 4-от најголем производител на автомобили во светот ги произведува во Франција, наскоро ќе се зголеми од сегашните шест на 12 модели.

Новиот Renault 4, базиран врз концептот Renault 4ever Trophy, којшто е малечок СУВ со стилски цитати од култниот R4 од 1960-те, ќе се произведува во фабриката во Мобеж, во северна Франција, а продажбата ќе стартува во 2025 година.

Renault 4 се придружува на новиот електричен Kangoo, произведуван во Мобеж, како и на Megane што се произведува во Дуе, исто така во северна Франција. Електричните Scenic и R5 ќе почнат да излегуваат од истаата фабрика во 2024 година.

Групацијата Renault планира целосно да премине на електрични возила до 2030 година. На инвеститорската конференција на 8-ми ноември ќе биде објавена стратегијата, за создавање посебна единица што ќе се посвети на електромобилноста и на софтверот.

Посебно ќе се издвои бизнисот со модели со мотор со внатрешно согорување.

Колку електрични автомобили се субвенционираат со 130 милиони €

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Jeep планира вистински „џип“ од новиот Avenger

Opel прави традиција со доброто седење во своите модели