за

Opel прави традиција со доброто седење во своите модели

Марката од Риселсхајм порачува, патувајте опуштено со ергономските седишта од Opel што носат печат AGR. Што значи оваа кратенка и зошто целата приказна околу неа?

Меѓу начелата што ги поставуваат проект менаџерите, при почнувањето со развојот на нов модел на Opel, голема важност се придава на седиштата. Тие мора да обезбедуваат цврста поддршка, но и врвен комфор. Opel повторно потсетува на седиштата што ги вградува во своите модели, откако ја најави Astra GSe, којашто има ексклузивни спортски седишта, наменети посебно за карактерот на новиот модел.

Кога во некој модел или марка се седи добро, тоа се чувствува веднаш. Opel веќе изгради традиција со доброто седење, уште откако рано се вклучи во акцијата што стои зад ознаката AGR. Зад кратенката Aktion Gesunder Rücken, односно „акција за здрав грб“, стои здружение од врвни германски ортопеди, коишто своето реноме и експертиза ги применуваат за  да тестираат производи од најразлични подрачја, вклучувајќи ги секако и автомобилските седишта. Според тоа, кога Opel вели за своите седишта дека имаат AGR-сертификат, тоа значи дека седиштата се проверени од ортопедите и потврдени се дека ги исполнуваат најстрогите стандарди.

Марката со молњата ги нуди AGR-седиштата во речиси сите свои моделски серии. Тие се дел од имиџот, и сцената признава дека во Opel се седи добро. Новата Opel Astra, Opel Crossland и СУВ-знаменосецот Grandland, во сите овие модели се нуди опцијата за AGR-седишта. Во повисоките нивоа, тие се дури и стандард. Посебно во средното ниво Business во новата Astra, како што и укажува името на нивото на опременост, ергономските седишта се клучен дел од опременоста и им се важни на луѓето што патуваат многу.

Развојот и усовршувањето на седиштата продолжува. Opel најавува нова генерација седишта со врвна ергономија. Првите модели од новата спортска подмарка GSe, Opel Astra GSe и нејзината комби изведба Astra Sports Tourer GSe, стандардно поседуваат седишта од новата генерација. Спортските модели GSe во почетокот ексклузивно ќе ги нудат комплетно новите спортски седишта.

Ергономите на единствената германска марка во концернот Stellantis порачуваат дека седиштата се врската меѓу човекот и возилото, и затоа се решавачки за удобно и опуштено возење. Во Opel се внимава, седиштата во исто време да бидат и комфорни и правилно да го потпираат рбетниот столб. Тоа се чувствува на долги патувања, или поточно, не се чувствува – затоа што по станувањето од возилото, човек се чувствува одморен и подготвен да го продолжи денот.

Во 160-та година од основањето, во Opel секако дека се посебно горди на своите бројни традиции. Во 2003 година, Opel Signum прв доби признание од ортопедите, за своите седишта. Овој бизнис-крстосувач врз база на Vectra, со комоција на задната клупа како во Opel Diplomat од 1970-те, беше прв модел во средната класа, чијшто седишта беа признаени и одликувани од страна на здружението AGR.

GSe-чувство: Стилски, ергономски седишта со спортски квалитети и со печат AGR

Пред Astra GSe да се појави во салоните на Opel, препорачливо е таму да воведат систем на чекање како во банка, затоа што сите ќе сакаат да ги пробаат новите седишта. Тие се обложени со црна алкантара, имаат интегриран потпирач за глава и страничните потпори се мошне изразени.

Стилски нагласок става сивата лента што се протега средишно по целото седиште и изработена е со електролачно заварување. Opel е прв производител што ја користи оваа прецизна технологија на изработка во сериски автомобил. Од оваа впечатлива лента поаѓаат украсните штепови што се препознатливи за GSe седиштето. Секако дека не смее да отсуствува жолто-црното лого GSe, кое што е обележје за спортската серија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Opel (@opel)

Важни за ергономијата на седиштата се и бројните можности за местење, нагодување. Заедничко за сите AGR-седишта е тоа што се местат во најмалку десет правци. Покрај вообичаената функционалност, кај врвните седишта се мести и аголот на седечката површина, електропневматски се мести делот под слабините, а може и седечката површина да се продолжи, со извлекување на потпирачот.

Натамошни функционалности коишто обично се достапни со доплата, се греење во повеќе степени, вентилација, а во комбинација со мека напа-кожа следи дури и масажа. Практична е меморијата, кога повеќе возачи се менуваат, или кога возачот сака едно местење за в град, а едно за долго патување.

Тест · Opel Astra Ultimate 1.5 Diesel: Родена под среќна ѕвезда

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Франција дава повеќе субвенции за електро-возила за домаќинства со помал буџет

Тајвански Foxconn: Производителот на iPhone ги прикажа своите автомобили