за

Ford заминува од Русија, некогаш беше пионер

Ford целосно се повлекува од пазарот, каде што своевремено одигра пионерска улога. Санкциите од Западот поради руските воени зафати во Украина оневозможуваат работата да продолжи.

Американскиот производител Ford го продаде својот удел во висина од 49 проценти во акциите на заедничката компанија Sollers Ford. Со тоа е направен последниот чекор во заминувањето на Ford од Русија, откако во почетокот на годинава беа прекинати активностите на компанијата, поради случувањата во Украина.

Акциите на американскиот производител Ford ќе бидат префрлени во некогаш партнерската компанија, со номинална вредност од 1 евро. Компанијата ја задржува можноста да ги откупи акциите во следните пет години, доколку „се смени глобалната ситуација“, се наведува во соопштението од Ford.

Ford уште во март го запре производството на доставни возила во Русија, исто како и испораката на компоненти, информатичката технологија и инженерската поддршка. Од рускиот пазар веќе си заминаа Renault, Toyota, Nissan и Mercedes-Benz.

Во последните три години, бизнисот на Ford на рускиот пазар беше во постојано опаѓање и се сведе на незначително присуство. Лани таму се продадоа само 22.000 возила на Ford, вклучувајќи примероци од моделите што се произведуваа само во Русија.

„Во Ford сме длабоко загрижени околу инвазијата на Русија врз Украина и за безбедноста на украинскиот народ“, напиша извршниот директор Џим Фарли, на твитер во март.

Производителот уште во 2019 најави затворање на три фабрики во Русија, повлекувајќи се од пазарот каде што некогаш беше пионер, во производството на лесни доставни возила, што требаше да донесе поголема профитабилност општо во производството на Ford во Европа.

Одлуката се образложува со економското забавување и со западните санкции против Русија, коишто исклучија секакви изгледи дека пазарот во видно време ќе продолжи да напредува. Голем број производители на автомобили некогаш гледаа голем потенцијал за раст во рускиот пазар.

Русија има олдтајмери за покажување: Фестивал на GAZ

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Романците купуваат трипати повеќе електрични автомобили

Франција и Германија ќе субвенционираат само европски електрични автомобили