Дали Илон Маск на својот профил на твитер веќе го најави следниот гигантски чекор напред во ерата на електромобилноста? Нов вид батерии со речиси двојно поголема енергетска густина, а тоа значи и двојно подолг досег, може да се појави во сериско производство многу порано отколку што предвидуваа експертите.
Енергетската густина на батеријата е клучен фактор за успехот на електричните автомобили. Колку е поголема количината на енергија што може да се акумулира во батерија со иста големина и тежина, толку е подолг патот што електричниот автомобил ќе го мине со енергијата во батеријата.
Поради тоа, голем број компании работат на развој на батерија со повисока енергетска густина. Кој прв ќе развие подобра батерија, тој или ќе има подобри електрични автомобили или ќе биде во предност на пазарот, затоа што сите производители на автомобили ќе сакаат да ги вградуваат неговите батерии во своите возила. Toyota, на пример, работи на батерија со цврст електролит.
Шефот на Tesla, Илон Маск, вообичаено преку својот профил на твитер, објави дека „не е далеку времето“ до појавувањето на батерија со енергетска густина од 400 ватчасови по килограм. Таква батерија би можело да почне да се вградува во следните три до четири години. Мултимилијардерот притоа посочи дека се работи за батерија што ќе се користи во масовното производство, а не за батерија што се тестира во лабораториите. Како споредба, батеријата што моментно се вградува во Model 3 располага со енергетска густина од 260 ватчасови по килограми.
400 Wh/kg *with* high cycle life, produced in volume (not just a lab) is not far. Probably 3 to 4 years.
— Elon Musk (@elonmusk) August 24, 2020
За 22-ри септември, денот кога се одржува годишното акционерско собрание, Tesla најави „Ден на батеријата“. Уште е неизвесно што ќе претстави производителот на тој ден. Експертите досега не предвидуваа дека енергетската густина ќе постигне толку голем напредок веќе во следните неколку години. Маск досега повеќепати го има изненадено стручниот свет.
















