Донгфенг качи на брод 400 примероци од луксузниот М-Херо за Средниот Исток

Кинескиот производител Донгфенг продолжува да се пробива на Средниот Исток и го има вистинскиот модел. М-Херо 2 е подеднакво луксузен и способен теренец.

Во средината на декември одекнаа сирените во шангајското пристаниште, кога 400 примероци од М-Херо 2 се наместија во параден распоред, пред да бидат натоварени на брод во правец на Средниот Исток. М-Херо во основа го продолжува поглавјето во коешто потклекна Хамер, меѓутоа со важна разлика: Вози со хибриден и со електричен погон.

Донгфенг Мотор, најпродаван кинески производител на македонскиот пазар, неодамна најави дека тука ќе пушти во продажба три нови модели во 2026 година. Сите три модели користат приклучен хибриден погон: Главна е двојката Мејџ и Хјуџ, што во моментов се нуди со познатиот 1,5-литарец од Мицубиши, на којашто ќе ѝ се придружи модел каков што македонската сцена досега нема сретнато кај кинески производител – М-Херо 2.

Тоа е подостапна изведба од првиот М-Херо, познат и како Вориор 917, и тоа значително подостапна. Наспроти неговите близу 700.000 вони во Кина, за преку 1.000 КС чисто на струја, што одговара на 85.000 евра, М-Херо 2 или уште Вориор 817, почнува од 320.000 вони, односно околу 40.000 евра. Продажната цена во Европа, шпекулативно, со транспорт и осигурување при транспорт, како и со 10% царина за увоз од Кина, би требало да се движи над 50.000 евра.

Донгфенг не случајно соопштува дека два месеци во низа испорачува преку 600 возила за пазарите на Средниот Исток, зашто тоа е добра реклама. Како што сведочат бројни примери досега, почнувајќи уште од тјунираните С-Класи на Брабус  во 1990-те, кога Германците мораа да им докажат на Арапите дека бесниот мотор нема тешкотии со тамошните жештини, на Средниот Исток поминуваат возила што нудат спој меѓу луксуз и способност за совладување теренски предизвици.

Дополнително, Донгфенг со М-Херо 817 нуди и електрификација, и тоа во „најсигурната“ форма, како приклучен хибрид. Погонската спрега се состои од 1,5-литарски турбо-бензинец, но и од два елеткромотори, по еден на секоја оска, коишто заедно постигнуваат системска моќност од 505 киловати, односно 687 КС, и вртежен момент од 848 њутнметри.

Фотографија: https://www.dongfeng-global.com/

Батеријата е со големина од 31,7 кВч и испорачува енергија за 140 километри. Потоа презема хибридниот погон и во комбинација се постигнува автономија од 1.300 километри. Резервоарот за бензин собира 84 литри. На брз полнач, батеријата се полни од 30 до 80 проценти за 15 минути.

Распределбата на моќноста меѓу двете оски се заклучува за дел од секундата и со тоа човек може спокојно да се впушти по дините. Возачот може да избира меѓу 9 режими на возење, вклучуваќи ги секојдневните сценарија за Средниот Исток, возење по песок и карпи.

Каросеријата, сосем нормално, се одликува со врвна цврстина, а благодарение на алуминиумското подвозје, постигнува и заштеда во тежината, што пак оди во корист на возните својства.

Изгледот на петметарската „карпа“ се раководи според М-Херо 1 и оддава цврстина и моќ. Во внатрешноста презема луксузот, почнувајќи од осветлувањето во 256 бои, до аудио системот на којшто стои значка на ценетиот Дајнаудио. Може да се избира меѓу 20-тина „сценографии“.

М-Херо е важна марка за глобалниот пробив на Донгфенг

Донгфенг притиска за М-Херо да го полира имиџот на куќата. Кинескиот производител воведе посебен начин на наградување на дилерите што ќе постигнат повпечатлив успех во продажбата на М-Херо, односно Менгши, на англиски Вориор, на македонски Борец.

Станува збор за марка што Донгфенг ја заживеа пред само две години. Во моментов, „борците“ се присутни на преку 40 пазари. Во план е М-Херо да настапи на посебен штанд на салонот на автомобили во Ријад, понатаму отворање престижен салон во Катар, како и прво учество на Светскиот фестивал Лива во Абу Даби, каде што три недели се празнуваат автомобилите и сите видови превозни средства. Главниот настан на фестивалот е трка по суров терен, што минува низ четири држави.

Назад во наша најубава Македонија, важен настан што автомобилската сцена го очекува годинава секако ќе биде и пристигањето на М-Херо.

Македонскиот увозник на Донгфенг меѓу 100-те дистрибутери на самитот во Кина

Претходна објаваКиа ја заврши минатата година со рекордна продажба, за 2026 се предвидува раст
Следна објаваВо Британија лани продадени над 2 милиони нови автомобили, секој четврти електричен

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here