Македонскиот увозник на Донгфенг меѓу 100-те дистрибутери на самитот во Кина

Кинескиот производител Донгфенг на самитот во Сиамен ги најави плановите и се координираше со увозници од цел свет, воедно одбележувајќи испорака на 10.000-от примерок од новиот светски модел Виго.

Самитот на Донгфенг се одржа во угледен хотелски компекс на островот Сиамен, во југоисточна Кина

Донгфенг Мотор, производител на автомобили од марките Еолус, Воја, М Херо, Јипаи и секако матичната Донгфенг, планира да се шири на светскиот пазар, со хибридни и електрични возила, паралелно со ширење на сервисната мрежа, и воопшто со квалитет, како на возилата, така и на услугите. Македонскиот увозник АБЦ Брадер веќе долги години соработува со кинескиот производител и најави бројни новини, што веќе в година ќе се најдат во понудата.

Кинеските производители го научија главниот алат на европските, севернамериканските, а во помала мера и на јапонските производители, а тоа е самофалењето, во неговата позитивна смисла – истото што луѓе тука го познаваат како ПР.

Фотографиите и снимките што пристигнаа од настанот, што Донгфенг Мотор го одржа на 27-ми ноември на островот Сиамен, важно пристаниште на југоисточниот брег на Кина, во провинцијата Фуџиен, најверодостојно го отсликуваат нивото што денес го имаат достигнато големите производители на автомобили во Кина. Откако сега цел свет може да посведочи на вистинските состојби на кинеската сцена, автомобилите што ни пристигаат оттаму, повеќе не треба да нé изненадуваат.

На фотографиите што пристигнаа во Аутомедиа со посредство на увозникот АБЦ Брадер, еден од 600-те партнери на Донгфенг од 100 држави присутни на самитот, се препознава врвна организација, гостопримливост, менаџерски дух. Хотелски комплекс со поглед на палми, зеленило и морски хоризонт, 40-на модели наредени строго како на парада на Тјенанмен, кока-кола со лого на Донгфенг, кинески порцeлан за подарок, целосно организиран превоз со сопствени возила, од луксузен ван до автобус со електрифициран погон, сé речиси филмски. И бројни гости наоблечени за зимо, што пропуштиле да ѕирнат дека температурата во Сиамен е 20-на степени.

На самитот беше претставена стратегијата за проширување на светскиот пазар, се одредуваа целите за извозните пазари, за соодветно да се организираат производството и логистиката, и секако се зборуваше за новите модели и на технологиите што се развиваат за следните модели.

Посебно значење му се придава на компактниот СУВ со електричен погон Виго, којшто е носечки модел во одредницата за освојување на светскиот пазар.

Три модели со хибриден погон и луксузна марка Воја доаѓаат на македонската сцена

Засега нема потврда дека Донгфенг Виго ќе биде понуден на македонскиот пазар, но увозникот АБЦ Брадер јави дека е договорено кај нас да се пуштат во продажба три модели со приклучен хибриден погон. Два модели се добро познати и во моментов се нудат со класичен погон, со турбо-бензинци од Мицубиши со 200 КС. Двоецот СУВ-модели Мејџ и Хјуџ од следната година ќе биде достапен и во изведби со приклучен хибриден погон. Третиот модел е „тежок“ теренец од луксузен ков М-Херо, исто така со погон на струја и бензин.

Претходно, увозникот најави можност Мејџ да се понуди и во класична хибридна изведба, којашто беше прикажана за време на Салонот во Торино годинава.

Втората голема новина е вклучувањето на премиум марката Воја. Од широката понуда од модели, за почетокот се избрани два: Воја Кариџ и Воја Фри РЕЕВ. За понатаму се најавува и можност за други модели да се додадат во понудата. Посебност на Воја Фри РЕЕВ е во тоа што станува збор за СУВ со електричен погон, но со т.н. продолжувач на досег. Тоа е во основа бензински генератор, што по празнењето на батеријата, го користи горивото во резервоарот за да произведува електрична енергија, што понатаму се испорачува кон батеријата, а оттаму кон погонскиот електромотор.

Воја РЕЕВ ќе биде ексклузивност во европски рамки, малку пазари го нудат овој вид погон тука

Воја Фри РЕЕВ ќе биде своевиден ексклузивитет на македонскиот пазар, па дури и во европски рамки. Овој вид на погон одвај дека е понуден на главните пазари во Европа, а наидува на одлични продажби во Кина, затоа што комбинира погон на струја со солиден досег и слобода на возење автомобил со бензински мотор.

Повеќе за возилата што пристигаат во понудата на АБЦ Брадер и Донгфенг во идните објави.

Претходна објаваПродажбата на Тесла во понор во ноември на најголемите пазари во Европа
Следна објаваЕУ нема да забрани бензинци и дизели, но тие нема да работат на бензин и дизел

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here