Продажбата на нови автомобили во Обединетото Кралство лани растеше трета година во низа и првпат по пандемијата надмина 2 милиони нови возила.
Декември донесе повисок раст од годишниот просек, со 3,9% и продадени 146.249 возила. Повеќе растеше пазарот на приватни купувачи (+16%), отколку продажбата на службени возила.
Во 2025 се повтори шемата од претходните години, со зголемена продажба на батериски електрични автомобили (БЕВ) во последниот месец од годината. На овој вид погон му припаднаа 32,2% од декемвриската продажба. Тоа беше првпат во 2025 година, кога уделот на БЕВ во продажбата ги надмина зададените 28 проценти удел од британските власти.
Во сите канали на продажба беше постигнат раст. Пазарот на приватни купувачи лани се поправи незначително во споредба со 2024 година, кога овој дел од пазарот падна под нивото што последен беше забележано во пандемијата, во 2020 година. Тука е постигнат раст од 4,5 проценти со продадени 779.587 возила.
Вистинската слика се покажува кога ќе се земе предвид дека приватниот пазар покрива само 38,6 проценти од вкупната продажба. Возилата за возни паркови и за фирми постигнаа соодветно 1.194.545 возила, односно 46.388 возила, со раст од 2,6 проценти, односно 8,8 проценти.
Хибридните и електричните возила држат половина од пазарот
Возилата со електрифициран погон, каде што спаѓаат и хибридите, за малку пропуштија да ја преземат главнината од пазарот, и покрај силниот раст во последното тромесечје. Пазарот на хибридни возила порасна 7,2 проценти и достигна удел од 13,9 проценти од вкупниот пазар, додека најголем раст имаше кај приклучните хибриди, со зголемување од 34,7 проценти и освоени 11,1 проценти од пазарот.
Близу половина милион БЕВ се продадени во 2025 година, односно точно 473.348 возила. Тоа е повеќе отколку во 2021 и 2022 година заедно. Обединетото Кралство со тоа стана втор најголем пазар за батериски електрични автомобили во Европа, со удел од 23,4 проценти на пазарот.
Продажбата на БЕВ постигна раст, меѓутоа динамиката пак заостанува зад зададените 28 проценти од властите. Во 2024 година, БЕВ постигнаа удел од 19,6%, заостанувајќи за 2,4 процентни бодови зад зададените 22% од државата, додека лани тој заостаток пораснал на 4,6%, меѓу реалната продажба и плановите на властите.
Преку 60 нови електрични модели во 2026 година
Силните вложувања на индустријата создадоа пазар што во моментов нуди преку 160 модели со батериски електричен погон. Во почетокот на 2025, на купувачите им стоеја на располагање малку над 130 возила. За 2026 година се очекуваат уште најмалку 60 нови БЕВ.
Продажбата на БЕВ сепак порасна за само 23,9 проценти. Субвенциите што долго се очекуваа, донесоа раст во продажбата, иако само четвртина од моделите што се нудат во моментов ги исполнуваат условите. Тоа значи дека најголем дел од товарот отпаѓа на производителите, коишто лани ја субвенционирале својата продажба со преку 5 милијарди фунти и просек од 11.000 фунти по возило.
На подолг рок, тешко дека може да се одржи динамика на потпомагање на продажбата на БЕВ. Покрај тоа, купувачите се обесхрабруваат, откако државата најави нова програма за субвенцонирање што ќе почне да се применува во 2028 година.
Просечната емисија на ЦО2 од сите продадени возила во ОК во минатата година падна за 10,1% во споредба со 2024, на 91,8 грами на километар. Со тоа, ОК побрзо ја скусува емисијата на ЦО2 отколку ЕУ, којашто најавува остапки од своите планови.
















