Задолжен за превозот на сé што го сочинува светското првенство во Формула 1, светскиот гигант DHL постигна нешто што е исто толку вредно за внимание, колку што е важно да се знаат победниците на трките. Емисијата на СО2 што ја испуштаат камионите превезувајќи го „циркузот“ е намалена за 83 проценти – благодарение на посебното гориво.
Формула 1 секако дека не може да остане имуна на сите зафати и напори што се преземаат во глобални размери, за емисијата на СО2 прво да се смали, а понатаму и да се сведе на нула. Тоа е прашање за опстанокот. Токму светската бина на Формула 1 се користи честопати да се направат пионерски чекори и да се даде пример за останатите.
Така е и со партнерството меѓу светскиот шампион во логистиката DHL и Ф1. Камионите со коишто се превезуваше целиот циркуз во Европа, годинава имале во просек за 83 проценти смалена емисија на СО2.
Формула 1 и DHL соопштија дека возниот парк од камиони што користат биогорива, има емисија на СО2 смалена за просечно 83 проценти, во споредба со користењето дизел. Овој возен парк првпат се користеше за европската етапа на светското првенство во Формула 1 годинава.
Станува збор за 18 камиони од тешка категорија, коишто користат дроп-ин гориво HVO100 (хидро третирано растително масло). Превезувајќи до деветте тркачки патеки во Европа, камионите изминаа повеќе од 10.600 километри. Просечната тежина на товарот што ја пренесувале 18-те камиони по трка изнесува околу 300 тони. Европската етапа заврши во минатиот месец со трката за Големата награда на Италија во Монца.
„Воведувањето на 18-те товарни возила што користат биогориво во оваа сезона, претставува важен чекор во насока на одржливата иднина за Формула 1 и за DHL. Намалувањето на емисиите на СО2 за просечно 83 проценти претставува големо достигнување, на коешто посебно сме горди. Како официјален партнер во логистиката на Формула 1 и предводник на зелената логистика, се радуваме што ќе можеме да дадеме придонес за целите за одржливост во Формула 1“, кажа Пол Фаулер, директор на огранокот за мотоспорт на DHL.
Партнерството меѓу Формула 1 и DHL покажува дека преку примена на најнови технологии и нов пристап во работата, може да се постигне еколошки поодржлива иднина за трките во Формула 1.
Биогоривото ќе се користи и во 2024 година, а податоците од досегашното искуство ќе бидат корисни за натамошните чекори на Формула 1 и DHL. Целта е кралицата на мотоспортот да стане целосно неутрална во поглед на емисија на СО2 до 2030 година.
Подолго од две години, DHL во Македонија користи возен парк за логистиката во Скопје, што се состои од целосно електрични возила
DHL го донесе електричниот погон во курирската служба во Македонија