Германските власти му одобрија на Mercedes да тестира прототипи на самовозечки камиони на автопатиштата во земјата. Првите камиони со оваа технологија ќе се појават за десетина години.
На патиштата во Германија веќе неколку месеци циркулираат самовозечки автомобили, а сега ќе им се придружат и камиони со автопилот. Концернот Daimler доби дозвола од министерството за сообраќај и од владиниот президиум во Штутгарт да ги тестира таканаречените Future Trucks на автопатиштата во покраината Баден-Виртемберг.
Овие камиони на иднината користат камери и радарски сензори за самостојно и без помош од возачот да ги одредуваат растојанијата и да ги избегнуваат пречките на патот. Возачот сепак мора да биде присутен зад воланот, за да може да реагира во случај на проблеми. Концернот Daimler засега не објавува кога ќе започнат тестирањата на прототипите на камиони со автопилот.
Претходно, Daimler доби дозвола за неговите автономни прототипи да возат по патиштата во САД, за брзо потоа на домашна територија да демонстрира како самовозечкиот камион управува по затворена делница на автопат во близина на германскиот Магдебург. Тогаш од концернот најавија дека технологијата ќе доспее во камионите од сериско производство најдоцна до 2025 година.
















