за

Како Rolls-Royce ги пречекува милионерите во Порто Черво

Благородните марки не се продаваат во салон. Најдобар начин да се привлечат клиенти е да се присуствува таму каде што се собира светскиот џет-сет, а за тоа нема подобро место од Порто Черво на Сардинија.

Во екот на летната сезона владее вистински метеж на аеродромот во Олбија, на италијанскиот остров Сардинија. Десетици и десетици приватни авиони се паркирани толку густо еден до друг на закупените места на аеродромот, што богатите сопственици мораат однапред да се спогодат за редоследот на полетувањата. Неколку километри подалеку, најскапи јахти се наредени како кебапи на скара во пристаништето во монденскиот Порто Черво, на прочуената Коста Смералда. Сите до една се завртени со опашот кон кејот, обично во снежно бела боја и долги најмалку 50 метри. Таму каде што се собираат милионерите, секако дека не смее да недостига и една специјална сорта на автомобили. Rolls Royce го користи овој италијански остров на џет-сетот за да привлече клиенти.

Евтините марки се рекламираат во молови, престижните марки на ексклузивни настани

Благородната британска марка го има поставено своето луксузно „Летно студио“ директно на кејот. Специјално обучениот тим на Rolls-Royce тука остварува контакти со највлијателните и најпрефинети милионери и продолжува да ги негува тие контакти. Логиката е многу едноставна. Исто како што големосериските марки ги изложуваат своите модели во трговските центри и исто како што премиум марките присуствуваат на тениските и на турнирите во голф, така и ексклузивните марки како Rolls-Royce мораат да бараат места каде што ќе ги начекаат своите клиенти во летно расположение. Тука милионерите одмораат од работниот стрес на светските берзи, од вревата на црвените теписи или од големите собири што тие ги одржуваат во своите замоци и палати.

Единствено избраниците на Rolls-Royce имаат пристап во „Летното студио“, тука нема место за љубопитни туристи
Единствено избраниците на Rolls-Royce имаат пристап во „Летното студио“ организирано под сводот на блискиот ексклузивен ресторан, тука нема место за љубопитни туристи. Британската марка ги начекува своите милионери во летно расположение

Луксузното студио е одвоено со стакла и завеси од кејот, изведено под сводовите на еден ексклузивен ресторан. Господа во темни костуми на влезот го обезбедуваат пристапот до салонот од љупопитни туристи. Кога ќе почне да стемнува хоризонтот зад јарболите на повеќекатните јахти, милионерите преоѓаат на копно или доаѓаат од хотелите со пет ѕвездички. Овие луѓе со неколку милиони вишок за нивните приватни авиони и јахти, веќе поседуваат по неколку примероци Ferrari или Range Rover во своите гаражи, пијат само најскапи вина и одат на шопинг кај миланските или париските дизајнери. Во релаксираната атмосфера на „Летното студио“, претставниците на џет-сетот можат да ги разгледаат селектираните модели на Rolls-Royce, да уживаат во звукот од 18-те звучници во Wraight или во придушено светло и седнати во најблагородна кожа да ја почувствуваат романтиката од 1.340 светилки од оптички кабли во таванот на британското скапоцено купе.

Британската марка обезбедува присуство на врвни експерти за јахти, костуми и вина

Дружењето со избраните милионери вклучува и ексклузивни настани, на пример консултации со Елиот Марч и Џејмс Вајт, водечки светски експерти за внатрешно уредување на јахти или приватни советувања со „винскиот папа“ Том Хероу, кој открива кои благородни вина се најбарани во оваа сезона. Rolls-Royce посредува и средба со Тимоти Еверест, кројачот на ѕвездите и меѓу другото дизајнер на костумите за филмските хитови како „Невозможна мисија“ или „Мама миа“. Сите се присутни и сите работат во интерес на најбогатите луѓе на планетава.

Во оваа година се изработени три ексклузивни примероци под знакот на Порто Черво
Во оваа година се изработени три ексклузивни примероци под знакот на Порто Черво

Секако дека и самите автомобили не се запоставени. Клиентите можат во секое време да резервираат пробно возење на Ghost по Коста Смералда и да почувствуваат како скапоцениот крстосувач од 5,40 метри се спровнува низ тесните патишта и серпентините по островот. Шанса да се испробаат 570-те КС и забрзувањето за 4,9 секунди до стотка не останува, но и без тоа никој нема намера да ги испробува крајните можности на овие ексклузивни автомобили. Во тој поглед е исто како со капиталот на милијардерите. Задоволство е само да се помисли на огромните резерви што стојат на располагање, како од коњски сили, така и од нули на контото.

Кој има вишок милиони и има слободно време, може до 18-ти септември да го посети студиото на Rolls-Royce во Порто Черво. Потоа аеродромот повторно ќе се испразни, суперјахтите ќе заминат на отворено море, а повеќето ресторани затвораат. Само мештаните остануваат.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Daimler доби дозвола да тестира самовозечки камиони по патиштата

Ретровизорите наскоро ќе заминат во историјата?