
Дачиа изгради име како марка што ги нуди најдостапните автомобили во Европа, но сега Кинезите покажаа дека можат и под тоа. Шефицата Катрин Адт порачува дека нема да возвраќа со дисконти.
Место тоа, марката што е дел од Рено Груп, повеќе ќе се потпира на вредноста при продажбата на возилата, на широката мрежа од дилери и на европското наследство, за да го одбрани својот дел од пазарот, откако МГ, Џили, Чери и слични кинески марки, започнаa бран со евтини модели, изјави Адт на 2-ри септември.
Моделите на Дачиа, меѓу коишто е градскиот модел Сандеро, најпродаван автомобил воопшто на пазарот во 2025 година и досега во 2026 година, некогаш беа неколку илјади евра подостапни од соперниците. Таа празнина во меѓувреме се скуси, а во одредени случаи, дури и исчезна.
Дел од причината е во тоа што Дачиа премина на половина скалило повисоко на пазарот и го напушти маркетингот со мотото „неверојатно ниски цени“. Другата причина е тоа што кинеските марки пак произведуваат поевтино од Дачиа, чијшто модели излегуваат од фабрики од Мароко, Романија или Турција.
Како пример, изведбата на Сандеро со хибриден погон, штотуку стартувана со продажба, во Франција чини 19.900 евра, додека споредлив МГ3 со хибриден погон, почнува од 18.990 евра. Кинескиот производител ја постигна таа цена со тековниот дисконт од 1.000 евра. Продажбата на хибридниот МГ3 годинава се зголеми 41 проценти на европскиот пазар.

Извршната директорка на Дачиа, Катрин Адт и директорот за продажба Франк Мароте порачаа декла Дачиа нема намера да објавува акции и да ги спушта цените, оти на тој начин се влијае врз остаточната вредност на возилата и се зголемуваат трошоците за поседување на возилото.
„Вистинската противвредност за корисниците не се сведува на цената,“ изјави Адт на тркалезна маса со новинарите во Париз, при претставувањето на новата генерација на електричната Дачиа Спринг. Таа веднаш стартува со продажба и во Франција чини 17.990 евра во основната изведба. Со цената ѝ парира кинескиот Липмотор Т03, со цена од 16.900 евра – иако поради потеклото, тој не ги исполнува условите за добивање субвенција од француската држава.

Покрај одличната вредност што моделите на Дачиа ја држат на пазарот на користени возила, марката на Рено нуди и широка дилерска и сервисна мрежа, како и долго наследство во Европа, посочија директорите.
„Ние ќе бидеме тука и по 10 години,“ порача Адт.
Следното што ја издвојува Дачиа е понудата од моделски изведби со погон на сите тркала, вклучувајќи го новиот кросовер Страјкер, СУВ-то од градската класа Дастер и компактниот СУВ-модел Бигстер. Романците нудат и погонска изведба на автогас, со што значително се скусуваат трошоците за гориво.
Останатите модели на Дачиа, меѓу кои Бигстер и Дастер, исто така се под притисок од новата кинеска конкуренција. Групацијата Чери на 1-ви септември ја лансираше својата матична марка Чери во Франција, понудувајќи ги компактниот Тиго 7 и поголемиот Тиго 8.
Чери планира бројот на дилери во Франција, од сегашните 56 да го зголеми на 90 до завршетокот на годинава.

Електричните се во подем, но проблеми во логистиката ја забавија Дачиа
Дачиа од почетокот на годинава има продадено 9,5 проценти помалку возила од истиот период лани. Тоа се случуваше во време додека целиот автомобилски пазар е 5,7 проценти во плус. Соодветно опадна и пазарниот удел на Дачиа, од 4,5 проценти пред завршетокот на 2025 година, на 3,9 проценти годинава.
Повеќе фактори придонесоа за тоа, наведуваат Адт и Мароте. Проблеми со логистиката поради временските услови во Гибралтарскиот Проток, влијаеја врз продажбата во првото тромесечје. Дачиа по бродски транспорт испрачува делови за фабриката во Мароко и потоа ги увезува автомобилите оттаму. Истиот проблем важи и за фабриката во Турција.
Марката ја пропушти и трката додека пазарот на електрични возила е во подем, посебно во Франција, откако започна војната на САД и Израел со Иран, што нагло ги поскапе горивата ширум Европа. Со само еден модел со целосно електричен погон, а тоа е првата генерација на Спринг, што сега ја доживува втората генерација, Дачиа не можеше да одговори подобро, кажа Мароте.
Батериските електрични возила постигнаа раст од 38 проценти во продажбата во Франција во август, што е двојно поголем раст во споредба со истиот месец лани.
Како марка што се потпира врз ниска цена и користење проверена (донекаде и амортизирана) технологија од групацијата Рено, Дачиа долго време се опираше на електрификацијата. Со новиот Сандеро Хибрид, секоја моделска серија на Дачиа сега е достапна со електрифицирана спрега. До 2030 година, Романците планираат уште три целосно електрични модели.
Меѓу идните електрични новитети е следната генерација на Сандеро, што првпат во рамките на групацијата ќе се произведува и во изведби со електричен погон и со мотори со внатрешно согорување, во иста каросериска форма.
Настрана од електричните возила, „нашите постигнувања и натаму се солидни“ на европскиот пазар, со полни книги со нарачки, напомена Мароте.














