Фолксваген почнува со зафати што ќе го сменат концернот од корен

Концернот Фолксваген ги изненади инвеститорите, откако надзорниот одбор се сложи околу клучните цели за делувањето и профитабилноста на компанијата, што можат да го видоизменат германскиот производител на автомобили, а со тоа да влијаат и пошироко врз индустријата во регионот, којшто е под притисок од Кинезите, што произведуваат поевтино и имаат понапредна технологија.

Слика од почетокот на производството на Голф во Волфсбург, на 29-ти март 1974 година

Инвеститорите и аналитичарите се задоволни од стратешкиот план и ги  поздравуваат амбициозните цели за профитот, како и ветувањето дека ќе се поедностави работењето на компанијата што вработува преку 600.000 лица ширум светот и во минатата година оствари приход од околу 322 милијарди евра.

„Едногласното одобрение на Планот за иднината на Фолксваген 2030, според нашето мислење претставува клучна пресвртница и многу подобро решение е од очекуваното“, кажа Тим Рокоса, аналитичар за автомобилската индустрија во Дојче Банк, во известувањето до клиентите испратено на 4-ти септември.

Овој исход изненади, во поглед на обемот и во едногласната поддршка што ја доби од одборот, имајќи ја предвид жетоката јавна расправа околу планираните отпуштања, можното затворање фабрики и видливата закана од раководството, дека ќе ја искористи правната дупка во статутот и ќе го прескокне надзорниот одбор, за засегнатите страни да можат да донесат одлука на вонредно собрание на акционерите.

Нуклеарната опција на извршниот директор Оливер Блуме се чини дека делуваше, иако тој се повлече од затворање на фабриките и вети дека прво ќе се обиде да ги смали трошоците во неконкурентните фабрики според новите цели на компанијата или ќе бара друга намена за фабриките.

Аналитичарите посочија дека суштината е во тоа што Фолксваген избегна отворена војна со синдикатот и се согласи за списокот од амбициозни цели, што доколку се постигнат, може да ја трансформираат компанијата во годините што доаѓаат.

Во продолжение се наведени главните ставки во договорот и прашањата што останаа неодговорени.

Финансиски цели: Маржа 9 проценти, профит 31 милијарда евра

Фолксваген го гради планот врз три бројки: продажба на 9 милиони возила годишно, оперативна маржа 9 проценти до 2030 година и оперативна добивка од 31 милијарди евра. Понатаму се предлага, вкупните трошоци да се ограничат на 37 милијарди евра, како и да ограничат трошоците за фабрики, опрема, развој и истражување на 135 милијарди евра меѓу 2027 и 2031 година.

Фолксваген во минатата година испорача 9 милиони возила, но при оперативна добивка од 322 милијарди евра заработи само 8,9 милијарди евра. За добивката да се зголеми на 31 милијарди евра, без да се зголеми производството, мора значително да се зголеми профитот од ист број продадени возила.

Останува неразјаснето: Фолксваген не соопшти како планира од 8,9 милијарди да зголеми на 31 милијарди евра. Колку ќе се заштеди од укинување работни места, реструктурирање на фабриките, поевтини набавки, подобра ценовна политика, намален број на модели и подобрена продажба во Кина и Северна Америка?

Скусување на бројот на модели и разновидноста на моделите

Фолксваген до 2035 година ќе преполови околу половина од бројот на модели што ги нуди групацијата и ќе ја смали разновидноста на моделските изведби за околу 75 проценти. Со помалку модели и помалку варијанти, компанијата ќе произведува повеќе примероци од едно исто возило, ќе ги смали трошоците за развој и за производство, и ќе користи синергиски ефекти од марките.

Германскиот производител соопшти и дека ќе развива различни платформи, системи за асистенција и софтвер, посебно за „западната и источната полутопка“. Тоа е своевидно признание дека за Кина се потребни различна технологија, брзина на развој на модели и односи со добавувачите, во споредба со Европа и Северна Америка.

Останува неразјаснето: Не се наведува кои модели, марки, видови на каросерија или погонски варијанти ќе се укинат.

Координирано подобрување на ефикасноста

Со новата програма за „оперативна извонредност“ ќе се координира напредокот во инженерингот, набавката, прозиводството, квалитетот, продажбата и контролата. Се ветуваат подобрени процеси, побрза работа и подобра конкурентност.

Помал менаџмент и побрзо решавање

Фолксваген планира скусување на менаџментот и побрзо донесување одлуки. Ист систем за наградување на директорите ќе се применува за резултатите на ниво на концерн.

Тоа е долготрајна мака на концернот, поради сложената матрица од марки, холдинг компании, регионални канцеларии и работнички синдикати.

Реформи во мрежата од фабрики во Европа

Фолксваген посочува дека европските фабрики имаат прекумерен капацитет за производство на најмалку 500.000 возила годишно. Тоа се 5,6 проценти од планираната продажба во светски размери. До завршетокот на јуни 2027 треба да се донесе план за одржлива и конкурентна мрежа од фабрики во Европа.

Компанијата наведува дека фабриките на Фолксваген во Емден, Цвикау, Хановер и фабриката на Ауди во Некарсулм немаат конкурентни идни модели што ќе продолжат да се произведуваат во овие фабрики, откако ќе заврши производството на тековните модели, меѓу 2031 и 2034 година. Се размислува за пренамена на фабриките.

Останува неразјаснето: Не се посочува дали ќе се затвори некоја од овие фабрики, дали ќе се продаде или ќе се отстапат за други марки, и дали во нив воопшто ќе продолжи производството на автомобили. Тоа е најчувствителната тема, за којашто уште се чекаат одговори.

Укинување на уште 50.000 работни места ширум светот

Фолксваген наведува дека постоечките програми за работна сила се недоволни и дека треба да се укинат уште 50.000 работни места, вклучувајќи и менаџери, на ниво во целата групација. За 50.000 работници веќе е постигнат договор со синдикатите.

Менување на насоката во Северна Америка и помали очекувања од Кина

Концернот во Северна Америка ќе се посвети на сегментите што носат повеќе профит. Во Кина, бизнисот ќе се приспособи според забавениот пазар во земјата и ќе се зголеми извозот од Кина во земјите на „југот на светот“.

Поедноставна корпоративна структура

Надзорниот одбор побара од управниот одбор да се осмисли нова структура на донесување одлуки во групацијата и нова корпоративна структура. Целта е да се поттикне развојот на технологии, да се користат придобивки од заедничките набавки, да се разјасни одговорноста и да се забрза донесувањето одлуки.

Продажба или реструктурирање на една третина од холдинзите

Фолксваген планира да го скуси своето портфолио на инвестиции и бизниси за околу една третина, при што ќе се решава според стратешкиот и финансискиот придонес на секој од тие бизниси за основниот автомобилски бизнис. Ограноците што се неважни, веројатно ќе се продаваат или ќе се реорганизираат, а ќе се разгледува и можност за продажба на недвижнините.

Претходна објаваЕден производител на електрични возила има шампионски раст на акциите, а не е ниту Шаоми ниту БИД
Следна објаваДачиа нема да крати цени за да се натпреварува со Кинезите

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here