Инженерингот на Opel уште функционира во понудата на General Motors. Покрај Astra и Insignia, како база за американските модели уште се користи и Opel Ampera-e. Кариерата на овој модел на Opel веќе заврши во Европа, но неговиот близнак Chevrolet Bolt продолжува. Детроит планира да додаде кросовер изведба.
Chevrolet подготвува кросовер модел со техниката од електричниот Bolt, со којшто значително ќе го прошири кругот на купувачи. Прототипите моментно се тестираат по патиштата во САД и неколку американски медиуми веќе ги објавија фотографиите од маскираните возила. Вообичаено, тие не откриваат многу, но има еден детал што се чини мошне познат и укажува на еден модел што веќе постои.
Концернот General Motors наскоро ќе стартува со продажба на Buick Velite 7 на кинескиот пазар. Кросоверот ја користи техниката од актуелниот Chevrolet Bolt, но како што се забележува од шпионските фотографии, идниот кросовер од Bolt ќе изгледа идентично со моделот за Кина. Velite 7 беше најавен во почетокот на годината, така што верзијата на Chevy веројатно ќе се разликува само по логото.
Електромоторот ќе располага со 150 киловати, односно 204 КС, вртежниот момент изнесува 360 њутнметри. Со батерија од 66 kWh, стандардниот Bolt постигнува досег од 416 километри, пресметано според американската метода, којашто е мошне реална. Velite 7 е десетина сантиметри подолг од Bolt, а има и осум сантиметри подолго меѓуоскино растојание (2,68 метри). Кросоверот на струја ќе стартува со продажба во САД во текот на годинава.

















