Би Уај Ди преговара за влез во Формула 1 откако постави брзински рекорд

Кинескиот Би Уај Ди не е само најголем производител на електрични автомобили во светот туку и сега е производител и на најбрзиот автомобил во светот. Јангванг У9 Екстрим постигна 503,17 километри на час.

Јангванг У9 Екстрим постигна 503 километри на час на јавен пат во Абу Даби и прв автомобил е на којшто ФИА му призна дека надминал брзина од 500 километри на час.

Светската автомобилска федерација ФИА потврди дека У9 Екстрим е прв автомобил од сериско производство што го надминал прагот од 500 километри на час.

ФИА на 6-ти ноември официјално го потврди на својот вебсајт рекордот што беше поставен на 1-ви ноември.

Кинескиот производител соопшти дека спортското купе постигнало 503,17 километри на час на јавен пат во Абу Даби, престолнината на Обединетите Арапски Емирати.

Рекордната брзина беше постигната на затворен дел од автопатот Шеик Калифа Бин Зајед. Зад воланот беше германскиот тркач Марк Басенг, соопшти ФИА.

Откако побарувачката на извозните пазари ја престигна продажбата на домашниот пазар и извозот претставува главен двигател на компанијата, Би Уај Ди сé погласно ги рекламира својата технологија и перформансите на салоните на автомобили низ Европа, Југоисточна Азија, Латинска Америка и Средниот Исток, со цел да ја популаризира својата понуда од возила со електрифициран погон.

Би Уај Ди продава најмногу електрични автомобили во светот и во минатата година испорача 2,26 милиони возила.

У9 Екстрим располага со моќност од преку 3.000 КС од четири електромотори

ФИА соопшти дека У9 Екстрим „поставил два гинисови рекорди за највисока брзина постигната со сериски автомобил и со електричен сериски автомобил, во една насока.“

Претходниот рекорд со 496,22 километри на час, што му припаѓа на истиот автомобил на Би Уај Ди, беше поставен на пробната патека АТП Папенбург во Германија, во септември 2025 година, потврден од ФИА.

Четирите независни електромотори на У9 Екстрим постигнуваат вкупна моќност од 3.019 КС. Системот за усогласување на работата на погонот го приспособува вртежниот момент што во моментот го испорачува секој од 4-те електромотори со фрекфенција од 100 пати во секунда. На тој начин се спречува погонско пролизгување на тркалата и губење тракција, напоменува кинескиот производител на автомобили.

Хиперавтомобилот користи мрежа што работи под напон од 1.200 волти, како и активно подвозје и батерија литиум-јон-фосфат (ЛФП), што Би Уај ДИ посебно ја изработи за автомобили со врвни перформанси на тркачка патека.

Полуслик-гумите ги изработи Џити Тајер.

Би Уај Ди го нуди У9 Екстрим на сите пазари, но ја ограничи количината на 30 возила.

„Некои купувачи веќе ги одобрија своите посебни нарачки и преминуваат на потпишување договори и распоред за производство,“ стои во соопштението од Би Уај Ди.

Би Уај Ди е на пат да се приклучи во формула 1

Заменичката извршна претседателка на Би Уај Ди, Стела Ли, во април изјави за италијанскиот медиум Споорт Медијасет, дека компанијата разгледува можност за влез во Формула 1, најпрестижната серија во мотоспорт во светот.

Претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулајем, потврди на ноември 9, дека автомобилската асоцијација за мотоспорт отворила преговори со Би Уај Ди и уште еден кинески производител, со Џили Аутомобил Холдинг, околу можното влегување во Формула 1.

Би Уај Ди првенствено произведува електрични и приклучни хибридни возила. Јангванг е основана како луксузна марка во 2022 година, а У9 Екстрим е верзија за тркачка патека од У9, што ја имаше својата премиера во Кина во 2023 година.

Покрај луксузните модели од марката Јангванг, Би Уај Ди произведува возила под матичната марка и под две премиум марки, Денза и Фангченгбао.

Компанијата објави дека во октомври постигнала раст во продажбата на извозните пазари шест месеци во низа, со 11% во плус и вкупно 490.108 возила. Во првите десет месеци, вкупната продажба на Би Уај Ди опадна за 2,2 проценти, на 3,6 милиони воизла, поради ослабнатата продажба на домашниот пазар.

Претходна објаваЗлатен волан за најдобрите автомобили по 50-ти пат