BMW од серијата 4 со сонце во стандардната опрема

BMW 4 series Cabrio

Кабриолетот од серијата 4 на BMW настапува со впечатлив дизајн, повторно со платнен покрив, со широка понуда од мотори, врвно подвозје, посебно зајакната каросерија и со бројни новини во опремата.

Минхен повторно стави силен нагласок на спортските возни својства и на динамичниот карактер во новата генерација на серијата 4. Купето штотуку започнува со испорака, а BMW веќе го претставува следниот член во гамата, отворената каросериска изведба на овој модел.

Кабриолетот од генерацијата G23 ја продолжува традицијата на уживање во спортско возење под отворено, по 35 години од појавувањето на првиот кабриолет во серијата 3. Должината на каросеријата (4.768 mm)е зголемена за 128 mm во споредба со претходникот и тоа внесува уште поелегантна нота во изгледот. Ширината порасна за 27 mm, на 1.852 милиметри, а порасна и меѓуоскиното растојание, на 2.851 милиметри (+41 mm). Со подигнат покрив, кабриолетот е висок 1.384 милиметри. Отворената „четворка“ личи уште помоќно на патот, благодарение меѓу другото и на проширената трага на тркалата (+28 mm напред и +18 mm назад).

https://photos.app.goo.gl/Seuaf1BASUeNkho68

Високите бубрези јасно разграничуваат дека станува збор за серијата 4 на BMW и визуелно го издвојуваат моделот од серијата 3. Верно на традицијата, горниот крај на бубрезите е повлечен нанапред и со тоа впечатливо ја заокружува силуетата. Диодна техника за сите функции на предните светла е стандард, како опција се нудат ласерски светла, кои при брзини над 60 km/h осветлуваат до 550 метри напред.

Клучната разлика е во враќањето на платнениот покрив, наспроти претходникот што уште имаше метален преклоплив покрив, од времето кога целата бранша веруваше дека тоа решение е подобро од класичното платно и класичниот механизам. Повеќеслојната изолација на платното од една страна овозможува тивко возење при висока брзина, но и добра заштита од студ. Со доплата, место во црна боја, платното може да биде изведено во графитна боја со сребрен ефект. Најголемата предност во споредба со цврстиот покрив на претходникот е во тежината: Минус 40 килограми.

https://photos.app.goo.gl/8eiDMaBQbrtL14UJ8

Еден електромотор го отвора и затвора покривот за 18 секунди. Тоа може да се одвива и во возење, при брзина до 50 km/h. Кога покривот е спуштен, зафатнината на багажникот се намалува на 300 литри, од 385 литри. Спортските седишта обложени со кожа и греени се стандард, исто како и спортскиот волан.

Шестцилиндарецот во новата моделска изведба M440i xDrive е изведен како благ хибрид, со 48-волтен стартер-генератор и батерија во којашто се акумулира енергијата при забавување. Стартер-генераторот при поаѓање и забрзување може да асистира со 11 КС. Покрај топ-моторот со 374 КС, понудата ја сочинуваат уште два бензинци. Дволитарецот во BMW 420i Cabrio, додека во BMW 430i Cabrio моќноста досега до 258 КС. Љубителите на дизел можат да изберат дволитарец со 190 КС во 420d Cabrio.

Автоматски менувач со 8 степени следи стандардно во сите моделски изведби

Осумстепен автоматик е стандард во сите моделски варијанти, може да се доплати единствено за команди на воланот. Менувачот во M440i и во варијантите M Sport е во спортската изведба Steptronic Sport. Таа е достапна и за останатите моделски изведви, како опција. Новина е функцијата Sprint, којашто гарантира врвно забрзување при старт и престигнување.

https://photos.app.goo.gl/MFiqcn64Rt8xL9du8

Алу-тркалата стандардно имаат пречник од 17 инчи. Во двата топ-модели (M440i и M440d), бандажите носат печат од M GmbH и имаат 18 инчи. Кај нив следи уште М спортски диференцијал со електронски регулирана и варијабилна блокада.

Во специфичната кабрио-опрема спаѓаат ветерна брана и фен околу вратот, кои се достапни со доплата. Електричното местење на седиштата е сериска опрема, исто како и тризонската автоматска клима. Првпат се нуди и можност за масажна функција во предните седишта.

Испораките започнуваат во март. Дизел-варијанта 430d Cabrio со трилитарец со 286 КС и благ хибрид ќе се приклучли во понудата во јули, а во ноември ќе следи и M440d xDrive Cabrio со 340 КС. Цените во Германија стартуваат од 51.956 евра за BMW 420i Cabrio, односно од 56.050 евра за варијантата M Sport.

https://www.instagram.com/p/CFxEeLIshzD/

Претходна објаваПолнач за струја од Seat чини 388 евра
Следна објаваУличен знак во Полска веднаш ја покажува казната при пречекорување

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here