Бројките и буквите значат многу во историјата на минхенската марка. Оттаму, „28“ не е само обична бројка, туку е асоцијација на 528, 328, 728, исто како и на генерацијата E28 на серијата 5, на купето 2800 CS, па пак на 328, тркачки модел пред војната. Истото важи и за буквите: TI како кратенка за Turismo Internationale беше милина да се вози во 1602 ti и 2002 ti. Баварците ја живеат марката убаво. Сега следи 128ti, како спортска верзија на серијата 1, што не е толку екстремна како M135i xDrive, но затоа е спортска повеќе од доволно.
BMW јавува за нов модел што моментно го тестира во Зелениот Пекол, на Нирбургринг. Станува збор за нова моделска изведба 128ti во гамата на серијата 1. Моделот го пополнува просторот меѓу 120i со 218 КС и супер-компактот M135i xDrive со 306 КС. Бидејќи новакот не користи погон на сите тркала xDrive, за високата моќност да се пренесува беспрекорно врз предната оска помага торсен механичка блокада на предниот диференцијал.
Техничарите и фабричките возачи на BMW моментно ги вршат завршните дотерувања, односно работат на „сетапот“ на подвозјето, којшто ќе обезбеди нагласено спортски возни својства на 128ti. Продажбата на новиот модел ќе започне во ноември.
Со преден погон, но со торсен-диференцијал напред, BMW 128ti не само што е позициониран директно под M135i xDrive, туку и го користи неговиот дволитарски турбо-мотор. Моќноста изнесува 265 КС, спринтот до сто на новата моделска варијанта ќе трае само 6,1 секунди. Сепак станува збор за многу повеќе отколку „само“ за нов и многу моќен мотор во понудата на Серијата 1.
https://photos.app.goo.gl/2LkdsXSdqeLFheVP9
Покрај многубројните посебности во каросеријата и во кабината, новиот модел се одликува со посебно дотерано подвозје, вклучувајќи и зафати во управувањето, со цел да се постигнат исклучително спортски возни својства. Стратезите во Минхен со 128ti ценат на помладите купувачи, кои уште не можат да си го дозволат тркачот M135i, но не сакаат да се откажат од спортски автомобил.
BMW 218ti е тјунерска преработка, но директно од инженерите на минхенската марка
Осумстепен Steptronic Sport следува стандардно, заедно со торсен блокада на предниот диференцијал, заради подобра тракција на предната оска. Подвозјето е посебно дотерано според стандардите на M GmbH и воедно каросеријата е спуштена за 10 милиметри. Посебни дотерувања се преземени и во BMW Performance Control, заради постигнување поголема агилност. Управувањето реагира попрецизно и подиректно.
https://photos.app.goo.gl/zuyf977wH8w5hsJm8
Врз возните својства на 128ti секако ќе влијае и фактот што тој е за 80 килограми полесен од M135i со погонот на сите тркала. Уште едно убаво изненадување: Преднапрегнатите лежишта на стабилизаторите, исто како и самите стабилизатори, се преземаат директно од M135. И уште едно изненадување од почит кон „ti“: Купувачите ќе можат да нарачаат спортски гуми без потреба од доплата. Сопирачките? Нормално, и тие доаѓаат од топ-моделот.
https://photos.app.goo.gl/x2E3pwU54FwjDo7Q8
>>> Тест: BMW 118i M Sport

















