за

Добриот стар мануелен менувач повеќе не важи

автоматски менувач, мануелен менувач

Мануелен менувач или автоматски менувач? Два спротивставени табори меѓу возачите, исто како и меѓу експертите, со децении ги соочуваат своите различни ставови, дали е подобро возачот сам да ги менува степените или тоа сепак треба да ѝ се препушти на автоматиката. Оваа дебата полека наближува до својата завршница. Така, барем, убедуваат сé повеќе експерти.

Не е тајна дека на мануелниот менувач му претстои „изумирање“ во блиска иднина. Ниту електричните автомобили, ниту автономните возила, немаат потреба од каков било менувач. На спортските возачи ќе им биде тешко да се збогуваат со класичната рачка на менувачот. Но, дали мануелниот менувач сé уште поседува предности во споредба со модерен автоматски менувач?

Секакво сомневање во предностите на автоматскиот менувач изчезнува веќе при вообичаеното возење до работното место. Градскиот метеж, со постојано запирање и поаѓање на неколку метри, претставува „природна средина“ на автоматикот. Дури и најголемите заговорници на мануелниот менувач во тие ситуации помислуваат, колку би било добро да имаат возило со автоматски менувач. Барем во моментот.

Повеќе не важи и правилото дека спортските автомобили исклучиво поседуваат мануелен менувач. Денес постојат само неколку исклучоци меѓу спортските автомобили со високи перформанси и долга традиција, кои сé уште излегуваат од фабрика во верзија со мануелен, место со автоматски менувач.

Причината за победничкиот поход на современиот автоматски менувач лежи во тоа што се надминаа сите недостатоци на постарите генерации автоматици. Точно е дека моделските изведби со автоматски менувач во минатото трошеа речиси двојно повеќе од нивните „близнаци“ опремени со мануелен менувач.

Практиката многупати докажала дека автоматскиот менувач штеди гориво во градски сообраќај – нерви исто така

Овој недостаток почнува да се губи уште во 1980-те години. Mercedes 190 E Kat од 1985 година, на пример, со дволитарец со 118 КС и автоматски менувач со 4 степени, според фабрика троши 10,9 L/100 km во град (ECE-норма), додека верзијата со 4-степен мануелен менувач (тогаш се доплаќа за V. степен) е поштедлива за само 2 децилитри. Актуелен Mercedes C 180 со мануелен менувач троши 7,5 L/100 km во град (NEDC-норма), односно 8,1 L/100 km во верзијата со 9-степен автоматски менувач.

Разликата во потрошувачката во реалноста е речиси незначителна, затоа што модерните автоматици веднаш префрлуваат во највисокиот степен на пренос кога ќе се создадат услови за тоа, спречувајќи моторот да работи со високи вртежи – под услов и возачот да е свесен како логиката на менувачот ги „чита“ неговите команди.

автоматски менувач техника мерцедес ц 63

Уште помалку важат предрасудите дека автоматските менувачи префрлуваат долго и бавно. Тука веќе важи спротивното: Модерните автоматици префрлуваат од еден во друг степен многу побрзо отколку што повеќето возачи би успеале со мануелен менувач. Тоа важи посебно за менувачите со двојна спојка. Ваквата брза реакција на менувачот оди и во корист на перформансите и на возната динамика.

Пример, Porsche 911 Carrera 4S (генерација 991). Во изведба со мануелен менувач со 7 степени, купето забрзува 0-100 km/h за 4,2 секунди. Потрошувачката во град, каде што најмногу се покажува разликата меѓу двата вида менувачи, изнесува 12,4 литри на сто километри. Во изведба со менувач со двојна спојка и исто така 7 степени на пренос, спринтот се скусува на 4,0 секунди. Драстична е разликата во потрошувачката во град, каде што според фабрика, 4S троши 10,3 литри гориво.

Европа уште заостанува со уделот на автоматските менувачи во вкупната продажба зад САД и Азија, но надоместува брзо

Несомнено е дека автоматските менувачи станаа супериорни над менувачите врз коишто контрола има единствено возачот. И покрај тоа, уделот на автомобилите со автоматик заостанува зад нивните пандани со класичен менувач по европските патишта, иако во последните години се забележува голем раст во продажбата на модели со автоматски менувач.

Според последните статистики, околу 68 проценти од возачите во ЕУ поседуваат автомобил со мануелен менувач. Наспроти тоа, возачите во САД и Азија веќе имаат долга традиција на возење автоматик. Три четвртини од сите патнички автомобили во САД поседуваат автоматски менувач.

Препознатливата кулиса на автоматските менувачи во Mercedes од подалечната историја. Денес тоа изгледа многу поразлично

Растечката продажба и понуда на модели со хибриден и електричен погон, како и возила со технологија за автономно возење, дополително врши притисок. Мануелен менувач е безмислен кај возилата со електрифицирана погонска спрега, без разлика дали станува збор за плагин-хибрид или чисто батериски погон, а покрај тоа, повеќето од популарните системи за асистенција, како што е радарскиот темпомат или автоматското поаѓање и запирање во застој, функционираат само во комбинација со автоматик.

Автоматските менувачи се враќаат на помалку степени на пренос

Aston Martin го враќа мануелниот менувач како подобра опција

Производителите штедат на тестирање на новите мотори и менувачи

И фамозното видео со возачот на автобус што се чини дека никогаш не би се откажал од мануелен менувач

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volkswagen fabrika emden

Volkswagen ќе гради фабрика во Бугарија или Романија?

ford focus iv saarluis start

Ford Focus е автомобил на годината во Хрватска