Кинеските автомобилски производители што се наоѓаат во подем, на својот домашен пазар ќе се соочат браник во браник со европските автомобилски марки, на годинешниот салон на автомобили во Шангај. Кинеското автошоу повторно ќе се најде меѓу најважните настани во календарот на големите производители на автомобили.
Германскиот концерн Volkswagen го испраќа извршниот директор Оливер Блуме, заедно со првиот човек на марката Volkswagen, Томас Шефер, и извршниот директор на Audi, Маркус Дусман, што укажува колку е голема важноста на Кина за целиот концерн, како најголем светски пазар за неговите автомобили. Извршниот директор на Mercedes-Benz, Ола Калениус, исто така ќе присуствува на големиот салон на автомобили во Шангај.
Додека се заострува конкуренцијата на домашниот пазар, особено меѓу електричните автомобили, кинеските производители со своите електрични возила свртуваат кон Европа. Нивните автомобили во меѓувреме располагаат со напредна технологија и добиваат врвни оцени за безбедност на европските краш тестови.
Повеќе кинески марки ќе ги прикажат на салонот во Шангај своите нови модели, коишто се наменети за европскиот пазар. Меѓу нив се веќе добро познатите Nio и Xpeng, но и новите марки HiPhi и Zeekr, премиум марка на концернот Geely.
Меѓу главните новитети од европските производители се лимузината со целосно електричен погон Volkswagen ID.7. Тоа ќе биде знаменосец во семејството електрични автомобили ID. Од истиот концерн доаѓа и Porsche Cayenne, темелно преработен. Голема новина претставува и Mercedes-Maybach EQS, ултралуксузен СУВ што во својот круг на купувачи ги вклучува и богатите Кинези. Првиот целосно електричен модел на Mercedes-Maybach е дизајниран од Славче Таневски.
Последното издание на салонот во 2021 година, се одржа како настан од мало значење, во сенка на пандемијата. Годинешиот салон во Шангај ќе биде најголем настан од овој вид во светот, според бројноста и разновидноста на производителите што ќе земат учество на истиот. Традиционалниот Салон во Женева, Аутоекспо, не се одржува веќе втора година, додека другите настани останаа без присуство на големите производители на автомобили и опрема.
Неколку главни новитети на авто-салонот во Шангај
AUDI

Audi ќе објави нови детали за својот проект за Формула 1. Марката со четирите прстени влегува во трка во 2026 година, со мотори од тимот на Sauber, којшто ќе прерасне во фабрички тим на Audi.
BYD

Електричниот суперавтомобил YangWang U9 на кинескиот производител BYD може да вози на три тркала и ќе го има своето прво појавување пред јавноста, откако автомобилот имаше дигитална премиера во јануари. U9 користи нов вид
на подвозје. Се очекува и премиера на електричниот градски модел Seagull. На својот профил на Weibo, BYD најави и светско деби на електричниот СУВ-модел Dynasty B-Class.
HIPHI
HiPhi е автомобилската марка на Human Horizons Technology, којашто во Шангај ќе го претстсави својот трет модел, HiPhi Y. Производителот кажува дека моделот е дизајниран и конструиран со намера да се понуди на светскиот пазар. HiPhi во Кина веќе ги придава своите модели X (СУВ) и Z (лимузина). Планот е возилата да се продаваат во неколку европски држави. Human Horizons е основана во Шангај во 2017 година, од Динг Леи и Фил Мурто, двајца поранешни директори во SAIC-GM. Според производителот, HiPhi X веќе е подготвен за старт на продажбата во Европа, со хомологација од TÜV SÜD.
HONDA

Подмарката на Honda што специјализирана за целосно електрични модели, под ознаката e:N, првпат ќе ги прикаже прототипите од новата серија модели. Првите два модели, e:NP1 и e:NS1, се произведуваат локално и пуштени се во продажба во Кина уште лани. Станува збор за кросовери од компакт класата.
LEXUS
Луксузната марка на Toyota најави глобално деби на семејниот ванот LM. Овој модел првпат ќе се продава и во Европа, како ривал на Mercedes-Benz V-Class. На салонот во Шангај во 2019 година, Lexus ја претстави првата генерација на LM.
LINCOLN
Lincoln подготвува премиера на нова верзија од својот СУВ од средна класа Nautilus. Дизајнот ќе биде по пример на лимузината Zephyr, што се продава само во Кина. Гамата вклучува и хибридна изведба.
MASERATI

Целосно електричната изведба на Grecale, СУВ-моделот од средна класа на Maserati, исто така ќе доживее светска премиера во Шангај. Grecale Folgore, како што гласи ознаката на електричната изведба, стартува со продажба во Европа во третиот квартал годинава, а во последниот квартал ќе биде понудена и во САД. Grecale Folgore користи преработена верзија од платформата Giorgio, што меѓу другото е техничка основа на Alfa Romeo Stelvio.
MERCEDES-BENZ

Mercedes ќе го прикаже најновиот член во модеското семејство на ултралуксузната марка Maybach – тоа ќе биде Mercedes-Maybach EQS SUV, прв целосно електричен модел под марката што е најголема гордост на германската автоиндустрија. Мало, но важно потсетување: Луксузниот СУВ-модел е дизајниран од Славче Таневски, кој повеќе од десет години работи во Mercedes-Benz во Штутгарт. Основата за моделот на Maybach ја дава Mercedes-Benz EQS SUV, што се произведува во САД – исто така дизајн на Таневски. Околу половина од вкупната продажба од 23.000 возила на Maybach лани, испорачани се во Кина.
MINI
Mini го преработе својот концептен автомобил Aceman, додавајќи му дигитален личен асистент што е со ликот на булдогот Спајк од цртаните филмови. Булдогот се појавува во тркалезниот средишен дисплеј со OLED-технологија во кокпитот на Aceman и има задача да ги води корисниците низ дигиталните функции. Идните електрични модели на Mini ќе располагаат со оваа функција. Малечкиот електричен кросовер Aceman ќе се произведува во Кина, заедно со комплетно новото Mini со три врати. Двата модели користат платформа што е развиена заеднички со кинескиот концерн Great Wall. Mini премиерно ќе прикаже и кабриолет изведба од својот електричен Cooper SE.
NIO

Кинеската премиум марка електрични автомобили Nio ќе претстави нова верзија од својот основен модел ES6 – тоа е мал СУВ-модел, што во Европа ќе биде преименуван во EC6, откако Audi ја доби тужбата, заради сличноста со којашто Инголштат ги означува своите спортски модели од Quattro GmbH. Nio ќе ја претстави и третата генерација станици за замена на празна батерија со полна.
NISSAN
Новиот концепт на електричен автомобил на Nissan, што е дизајниран посебно за Кина, треба да биде ѕвездата на јапонската марка во Шангај. На штандот ќе се најде и Nissan Max-Out, концепт на кабриолет со елетричен погон. Max-Out имаше премиера во дигитална форма во 2021 година.
POLESTAR
With the aerodynamics of a coupé and the space of an SUV in a package enhanced by modern technology, #Polestar4 is set to debut at the Shanghai auto show on April 18. https://t.co/KMCZIvjN35
— Polestar (@PolestarCars) April 11, 2023
Polestar подготвува деби на Polestar 4, кросовер од средна класа со купе-стил, што во Европа ќе се придружи во сегментот во којшто продажбата ја предводи Tesla Model Y. Меѓу конкурентите се и Audi Q4 E-tron и BMW iX3. Директорот Томас Ингенлат го најавува најбрзиот сериски модел на марката како „повишен GT со четири врати“.
PORSCHE

Големиот СУВ-модел Cayenne доживеа „едно од најобемните моделски унапредувања во историјата на Porsche,“ опишува производителот. Освежениот модел што своето светско деби го има во Шангај, располага со нов дигитален дисплеј, нови системи во подвозјето и со технологија 2innovative,“ најавува Porsche. Кина е најголем пазар на Porsche во светот.
SMART
Smart #3, целосно електричен СУВ-модел со стил на купе, е големиот новитет на некогаш „малата“ марка. Компактниот СУВ е втор целосно нов модел, по Smart #1 со којшто беше означен новиот старт на марката, што сега е заеднички проект на кинескиот Geely и Mercedes. Моделот #3 ќе почне да се продава во Кина кон завршетокот на годината, а во почетокот на 2024 година следи европскиот пазар.
TOYOTA
Светско деби ќе доживеат два нови модели под марката bZ на Toyota, што е специјализирана за целосно електрични автомобили. Двата модели ќе бидат пуштени во продажба во Кина в година.
VOLKSWAGEN

Важниот новитет на Volkswagen за салонот во Шангај е ID7, лимузина од средна класа со целосно електричен погон. Таа ќе биде круна на семејството целосно електрични модели ID, коишто се конструирани врз платформата MEB на Volkswagen. Главните пазари за ID.7 се САД и Кина, но моделот ќе се нуди и во Европа. VW најавува дека ID.7 користи усовршена варијанта на електричниот погон на концернот и постигнува досег до 700 километри. Со тоа, лимузината ќе биде погодна и за патување на подолги релации. Уште една новина меѓу моделите што се базирани врз платформата MEB е дисплејот со пречник од 15 инчи. Според димензиите, ID.7 е сличен со електричниот модел од вишата класа Mercedes EQE. Цената на основниот модел на ID.7 во Германија ќе биде под 60.000 евра, најавуваат од компанијата.
XPENG
Кинеската премиум марка електрични автомобили Xpeng подготвува деби на G6, СУВ-модел од средна класа, уште еден модел со стил на купе. Автомобилот ќе им конкурира на Tesla Model Y и Nio EC6. Планирано е моделот да се продава и на главните пазари за електрични автомобили во Европа.
ZEEKR
Уште една премиум марка со електрични автомобили на концернот Geely, со најава за премиера на компактниот кросовер X. Новиот модел ќе се продава во Европа, како конкурент на германските СУВ-модели на струја, од рангот на Audi Q4 e-tron, BMW iX1 и Mercedes EQA. Платформата што ја користи X е истата со Smart #, а таа ќе послужи како основа и за идните електрични модели на Volvo и Lynk & CO. Zeekr најавува досег до 560 километри, според кинеските норми.
















