за

Обединето Кралство: Откажано воведувањето „паметни“ автопатишта

Владата на Риши Сунак го откажа опремувањето нови паметни автопатишта, поради високите трошоци и загриженоста околу безбедноста, јави денес БиБиСи.

Откажани се 14 проекти за паметни автопатишта во Обединетото Кралство, вклучувајќи 11 што веќе се ставени во мирување и три проекти на коишто требаше да отпочне работењето. Проблем се финансиите и ниската доверба на јавноста.

Станува збор за таканаречени паметни патишта, на коишто се користи технологија, со цел тековно да се управува со сообраќајот, заради намалување на метежот. Главната критика се однесува на тоа што се дозволува сообраќајот да се одвива и по помошната лента, за да се зголеми проточноста. Тоа според критичарите довело до незгоди со кобни последици.

Околу 10 проценти од автопатиштата во Англија се паметни. Понатаму нема да се опремуваат нови делници со технологија за да станат паметни автопатишта. Заради подобрување на безбедноста, ќе се додадат 150 простори за запирање во итен случај и ќе се воведе понапредна технологија.

Премиерот Риши Сумак, кој во својата изборна кампања ветуваше дека ќе ги забрани паметните автопатишта, кажува дека „сите возачи треба да имаат доверба во патиштата што ги користат додека патуваат низ земјата“.

>> Врска до објавата на Министерството: https://www.gov.uk/government/news/all-new-smart-motorways-scrapped

Според Министерството за транспорт, новото опремување на патиштата би чинело повеќе од 1 милијарда фунти, а со откажувањето на проектите би се добило повеќе време, за јавноста да стекне доверба во паметните автопатишта.

Постојат три видови паметни автопатишта:

  • контролирани, каде што постојано е дозволено да се одвива сообраќај по помошната лента (крајната лева лента во Англија) и се користи технологија за дозволената брзина да се менува зависно од интензитетот на сообраќајот
  • динамични, каде што помошната лента се пушта за сообраќај при поголем сообраќаен метеж, но во тој случај, брзината се ограничува на 60 милји на час (околу 96 km/h)
  • сите ленти се отворени постојано, со тоа што на редовна оддалеченост е предвиден простор, за возилата да можат да запрат во итен случај

Во сите три случаи се неопходни висечки мостови над патот, заради поставување на сигнализацијата. На нив се прикажува тековното брзинско ограничување, информации за застој или за опасност на патот. Брзински камери контролираат дали возачите се придржуваат кон ограничувањата.

Меѓу откажаните 14 проекти, на седум делници беше предвидено помошната лента да се пушти постојано за сообраќај. Според новиот план, на тие делници ќе се воведе динамично користење на помошната лента, во случај на застој.

Паметните автопатипта беа воведени со цел да се зголеми капацитетот на патот и да се намали застојот, без да се трошат пари и да се предизвикуваат прекини заради изградба на нови патишта.

Во објавата на БиБиСи се спомнуваат повеќе незгоди со кобни последици, меѓу кои и случај кога две лица загинале откако биле удрени од камион, запирајќи на завршетокот од патот, поради мал судир.

Австрија не сака да гради нови автопати

Во 2020 година, истражување на БиБиСи откри дека во претходните пет години на паметните автопатишта во земјата загинале 38 лица.

Секретарот на министерството за транспорт Марк Харпер изјави: „Денешната објава значи дека нема да се градат нови паметни автопатишта, како резултат од недостигот од доверба во јавноста, како и високите трошоци поради инфлацијата.“

Зошто би се лажеле дека токму автопатот ќе биде нормален?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Салонот во Шангај како ривалска средба меѓу кинеските и европските марки

Tesla почнува нова рунда соборувања на цените во Европа