за

Great Wall Motor се одомаќини во Минхен

Баварската метропола ќе биде нов дом за кинескиот автомобилски концерн Great Wall Motor во Европа. Оттаму ќе се раководи со сите европски активности.

Автомобилскиот концерн Great Wall Motor, познат кај нас по пикапите Steed и по марката СУВ-возила Haval, отвори централа во Минхен, којашто ќе биде задолжена за сите активности на концернот на европска почва.

Убедливиот настап на Great Wall Motor на салонот ИАА Мобилност во септември, со претставувањето на премиум СУВ-марката Wey и на електричната стилска марка Ora, беше само најава за овој чекор. Кинескиот концерн отвори канцеларија за Европа во баварската метропола. Со тоа, Минхен станува центар за сите активности на GWM на континентот.

„Како еден од најуспешните производители на автомобили од Кина, ние веќе изградивме солидна основа на бројни пазари ширум светот. Стартот во Европа е важна одредница за Great Wall Motor. Ние имаме големи цели и за овој пазар“, изјави Чиао Шиангуа, извршен директор на Great Wall Motor за Европа. Овој чекор е неопходен за да се прерасне во автомобилска компанија што е конкурентна во светски рамки.

Со основањето на европското биро во Минхен ќе се зајакне и проширува соработката меѓу централата на концернот и регионалните политичари, како и големите добавувачи. Тоа вклучува и вложувања на Baoding Great Wall Holding во синџирот добавувачи: SVOLT е спин-оф на Great Wall Motor и настапува како независна компанија за висока техологија, со најави за изградба на фабрики на две локации во Сар/Германија, во вкупна вредност од две милијарди евра. Таму се гради најсовремена фабрика за батериски ќелии, со производствен капацитет за 24 GWh во крајниот стадиум, како и фабрика за модули и високонапонски батерии.

Great Wall Motor има големи очекувања со електричната марка Ora во Европа

Во следната година ќе се изградат т.н. центри за доживување на марката во Минхен и во Берлин. Активностите нема да опфаќаат само продажба на возила, туку и услуги за полнење на батеријата, сервисна мрежа, интелигентен кокпит што ги учи навиките на возачот и уште цела низа услуги.

Во Минхен во 2022 година ќе работат вкупно 300 лица за концернот Great Wall Motor. Тимот е составен главно од интернационални експерти, како и од врвни таленти од германските производители на премиум автомобили.

>>> Great Wall со убедлив настап на салонот ИАА во Минхен

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot 3008 Hybrid4 е лав со одмерен залак

Ferrari има уште една Icona, во чест на трикратниот триумф во Дајтона