за

Great Wall со убедлив настап на салонот ИАА во Минхен

Концернот Great Wall, познат кај нас по СУВ-моделите Haval, имаше еден од повпечатливите настапи на салонот за автомобили во Минхен. Наскоро стартува марката Ora, со електрични и достапни модели.

Great Wall Motors го искористи својот настап на најважниот автомобилски настан на европската сцена годинава, за да најави поголемо присуство на пазарот во Европа со своите електрични автомобили. Концернот на Haval, Wey & Co ќе се пробива на тукашниот пазар со електро-специјалистот Ora.

Две големи новини на штандот за марките на кинескиот концерн Great Wall Motors на салонот ИАА Мобилност 2021. На важниот настан во Минхен доживеаја европска премиера марката Wey со своите СУВ-модели и марката Оra што е специјализирана за електричен погон.

Возилата од двете марки прикажаа повеќе од пристоен изглед, но имаат нешто вредно и под хаубата. СУВ-моделот Wey Coffee PHEV, како што укажува и ознаката, располага со приклучен хибриден погон, додека моделот од компакт класа Ora Cat користи електричен погон.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Wey Coffee PHEV е глобален модел на кинескиот концерн, што производителот цени дека се издвојува со долгиот досег при возење чисто на струја, со автопилотскиот систем и со интелигентниот кокпит. Компактот Ora Cat ќе бара купувачи нудејќи им комбинација од класични ретро елементи во појавата со напредна технологија.

Изборот на двата модели на Great Wall е погоден точно, имајќи предвид дека во повеќето европски држави се поттикнува продажбата на приклучни хибриди и електрични возила преку масивни субвенции

Кинезите го искористија своето присуство на салонот за да потсетат на фактот дека Svolt, компанија во состав на Great Wall Motors, прва понуди батерија за електрични автомобили во којашто не се користи кобалт. Тоа е важна напомена, меѓу другото и поради тоа што светските ресурси од кобалт се мошне ограничени.

New photo by Automedia MK / Google Photos

GWM продолжува со масивни вложувања во развој и усовршување на електричниот погон. Само во развојот на батерии без кобалт се вложени над половина милијарда јуани, односно околу 65 милиони евра. Во следните пет години, планирани се инвестиции во вкупна висина од 100 милијарди јуани, односно околу 13 милијарди евра, во електричен погон и во нови технологии.

Електричниот компакт со дизајнерски елементи од Porsche 911 и Буба, долг е 4,24 метри, широк 1,83 и висок 1,6 метар, со меѓуоскино растојание од 2,65 метри. Багажникот стандардно нуди 228 литри, односно 858 литри со соборена клупа. Ora 1 Cat се нуди во две изведби, со досег од 400 километри (батерија 47,8 kWh) и со досег од 500 километри (59,1 kWh). Цената во Кина, со вклучена субвенција, се движи од 103.900 јуани (13.700 евра) за основниот модел, 133.900 јуани (17.650 евра) за моделот со продолжен досег, до 160.000 јуани (21.100 евра) за најлуксузната изведба.

Не е „само“ електричниот погон, туку Ora Cat доаѓа и со напредна технологија и примерна завршна изработка

Електромоторот располага со максимална моќност од 105 kW (143 КС) и постигнува вртежен момент од 210 Nm. Спринтот до темпо сто трае 3,8 секунди, брзината е ограничена на 150 km/h. Може да се користат и брзи полначи со еднонасочна струја. Во тој случај полнењето на батеријата трае половина час. Посебен нагласок е ставен на изработката и на напредната и богата опременост. Тоа меѓу другото подразбира платно во кокпитот, широк дисплеј од 17 инчи (!) или автопилотирано возење.

СУВ-моделот Wey Coffee на домашниот пазар се води како Mocca, но во Европа мора да се користи друго име, нормално поради Opel Mokka. Тоа е модел од близу пет метри, со приклучен хибриден погон со системска моќност од 215 КС и системски вртежен момент од 388 Nm. Менувачот е деветстепен, со двојна спојка. Информациите околу приклучниот хибриден погон засега се мошне скромни, единствено се комуницира досегот од 150 километри при возење чисто на струја, пред да се активира хибридниот погон, односно да се придружи бензинецот.

Испораката на СУВ-моделот во Европа ќе стартува во првата половина од следната година. За електричниот компакт се најавува старт на испораките уште во првото тромесечје од 2022 година, откако во декември ќе започнат нарачките. Во следните две години се најавени уште 5 нови модели од Ora за европскиот пазар – со електрифицирана погонска спрега, нормално.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota RAV4 дотеран за вистински авантури

РСБСП: Иднината на одржливата мобилност е во твои раце. Вози Велосипед