за

Audi победи на суд против кинескиот Nio

Долготрајниот судски спор меѓу Audi и Nio околу ознаките ES6, ES7 и ES8 е решен. Audi ја доби постапката пред судот во Минхен.

Audi S8
Audi S8

Годинава почна успешно за Audi, барем на суд. Баварците од Инголштат го добија спорот против кинескиот производител на премиум автoмобили Nio, во првата судска инстанца. Германскиот производител го тужеше својот конкурент во електро-сегментот, поради моделските ознаки ES6, ES7 и ES8, коишто според Audi се слични со сопствените моделски ознаки S6, S7 и S8.

Во соопштението од Судот се наведува, „точно е дека спорната ознака на туженото претпријатие, во пишана и изговорена форма јасно се разликува од марките S 6 и S 8 на тужителот, преку дополнителната буква Е. Меѓутоа, дополнителната буква не гарантира дека се воспоставува доволна разлика.“ Тоз значи, Судот во Минхен оцени дека постои опасност да се помеша потеклото на моделите од двете марки.

Двете марки повеќе месеци водеа спор околу номенклатурата на своите модели. Audi го даде Nio на суд уште во октомври 2021 година. Донесувањето на пресудата се одложуваше повеќепати, упте од мај 2022 година. Меѓу причините за одложувањето се наведува и болест на надлежниот судија. По 15 месеци, одлуката конечно е донесена.

Во образложението понатаму се наведува и дека потрошувачите може да заклучат дека ES 6 е верзија со електричен погон од S 6, односно дека станува збор за ист производител.

Одлуката уште не е правосилна. Останува отворено прашањето, дали Nio по губењето на спорот пред Судот ќе се жали до следната повисока инстанца. Со оваа одлука, сепак им се забранува на Кинезите да ги рекламираат моделите ES6 и ES8 во Германија. Двата модели уште не се продаваат на германскиот пазар.

Nio во октомври го преименуваше својот модел ES7 во EL7 и со тоа излезе во пресрет на барањата на производителот од Инголштат. Тој модел исто така е наведен во тужбата.

Од Audi ја поздравуваат одлуката со којашто се заштитува германската марка автомобили. „Бројни наши модели имаат иконски карактер, како за нас, така и за нашите клиенти. Тоа важи посебно за нашите спортски модели S.“ Кинескиот производител нема излезено со коментар.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by NIO (@nioglobal)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla со лажна снимка го рекламирала својот автопилот во 2016

Три модели на Kia шампиони во противвредност според американските новинари