Инженер на Tesla сведочел пред суд во Калифорнија за монтираната снимка што ја прикажуваше делотворноста на автопилотот во електричните автомобили на американскиот производител.
Видеото што е архивирано на вебсајтот на Tesla, објавено е во октомври 2016 година. Шефот на Tesla, Илон Маск, на својот профил на твитер тогаш го користеше видеото за да покаже дека „Tesla самостојно вози по градските улици и автопатиштата и наоѓа место за паркирање (без човечка помош)“.
Вистината е сосем друга. Вработените во Tesla морале повеќепати да интервенираат за време на тест возењето на Model X, за да ја спасуваат ситуацијата. На проба за паркирање, што е исечена во видеото, автомобилот удира во ограда во фабричкиот круг. Системот не успевал ниту да запре на црвено светло и да појде по пуштањето на семафорот, без човечка помош.
Тоа пред Судот во Калифорнија го изјави Ашок Еласвами, директор за развој на софтвер за системот за помош при возење „Autopilot“ на Tesla. Признанието на Еласвами датира од крајот на јуни 2022 година и сега првпат доспева во јавност. Судењето се водело во Санта Клара за тужба против Tesla, поради незгода од 2018 година, во којашто поранешен инженер на Apple загина во Tesla, пуштајќи го „Autopilot“ да управува со автомобилот.
Во почетокот на видеото се гледа сцена како Tesla вози од куќа во Менло Парк до тогашното седиште на Tesla во Пало Ауто, со музика од Ролинг Стоунс. Потоа во видеото се појавува титл „Човекот на возачкото седиште е таму само поради правни причини. Тој ништо не прави. Автомобилот сам вози.“
Еласвами кажува дека шефот Илон Маск побарал тимот за развој на автопилотот да ги прикаже можностите на системот.
„Њујорк Тајмс“ уште во 2021 година објави за сомнителното видео. Повикувајќи се на интерни извори, весникот пишуваше дека инженерите го премолчиле судирот со тест возилото, исто како и фактот дека за возењето изработиле 3D-мапа. Тоа овозможило автомобилот полесно да го следи патот до одредиштето, односно Tesla возела по „познат пат“. Еласвами прв го потврди тоа.
Инженерот пред Судот одговарал на прашањата на Ендрју Мекдјуит, адвокатот на вдовицата на загинатиот инженер на Apple, Валтер Хуанг.
Компанијата во 2020 година коментираше за случајот, дека на возачот му било укажано на несовршеноста на системот. Tesla сепак го продава системот за асистенција уште од 2015 година под името Autopilot. Постои и нова верзија FSD (Full Self Driving), иако и натаму се нагласува дека возачот мора да го држи воланот и да го контролира возилото.
Махмуд Хикмет, софтверски инженер за новозеландската фирма за роботика Ohmio, на својот профил на твитер реагира остро за содржината на судскиот записник. Тој вели дека Еласвами вооошто не ги познава основните поими на автономното возење, па дури и пред судот изјавил дека не знае што тие значат.
I don't know if I can put into words how terrible this is, but I'll try.
This quote is from a deposition of Ashok Elluswamy, Tesla's Head of Autopilot Software relating to the 2018 fatal Autopilot crash of Walter Huang.
He doesnt know what an Operational Design Domain (ODD) is. pic.twitter.com/SqeE7xp2m4
— Mahmood Hikmet (@MoodyHikmet) January 15, 2023
Против системите за автопилотирано возење на Tesla се поднесени повеќе тужби и се водат бројни истраги. Во просек, секој ден има по една незгода во врска со „автопилотот“.