за

Suzuki ќе користи двостепен менувач во својот електричен модел

Електричните автомобили обично користат едностепен менувач. Во својот електричен модел, Suzuki ќе вградува двостепен менувач, за подолг досег и подобро забрзување.

Suzuki потпиша договор со канадската компанија Inmotive, којашто ќе ја примени својата патентирана технологија за да развие двостепен менувач за идниот електричен модел на јапонската марка.

Доволна новина ќе беше и тоа што Suzuki преку концептниот автомобил eVX го најави својот прв електричен модел, што ќе стартува со продажба во 2025 година. Сега доаѓа и дополнување на новината: Електричниот кросовер што ја доживеа својата светска премиера на салонот во Токио, во својата сериска изведба ќе користи двостепен менувач.

Партнер на Suzuki во развојот на двостепениот менувач за електричен погон ќе биде канадската компанија Inmotive.

Автомобилите со електричен погон во најголемиот број случаи користат едностепен менувач. Исклучок е спортската лимузина Porsche Taycan. Погонскиот електромотор уште при најниски вртежи располага со доволно висок вртежен момент да го задвижи возилото. Користениот преносен однос сепак претставува компромис меѓу возливоста и перформансите. Споредбата е бесмислена, меѓутоа слично е како во автомобил со бензински мотор да се вози постојано во третиот степен, вклучувајќи и поаѓање.

Двостепениот менувач што го развиваат Suzuki и Inmotive дозволува при повисоки брзини или при ниско оптоварување да се префрли во втор степен, со цел на електромоторот да му се овозможи да работи во подрачјето во коешто во дадените услови постигнува повисока ефикасност. Тоа, пак би било бесмислена споредба, меѓутоа може да се карикира дека во тој случај електричниот автомобил на Suzuki ќе префрли „во шеста“.

Со тоа што на електромоторот ќе му се овозможи да работи во најоптималното подрачје при повисока брзина, секако дека се намалува потрошувачката на енергија. Пониска потрошувачка на енергија, значи дека батеријата ќе издржи подолг досег. Покрај тоа, во одредени ситуации се подобруваат и перформансите. Бидејќи првиот степен може да биде скусен, тоа ќе значи и уште посилно забрзување – иако спринтот и сега им е силна страна на електричните автомобили.

Целата замисла се заокружува совршено со можноста да се користи послаб електромотор. Тоа значи дека и цената на електромоторот ќе биде пониска.

Канадските специјалисти имаат развиено лесна, компактна и ефикасна технологија за подобрување на перформансите и електричните автомобили. Со користењето двостепен менувач, потрошувачката на енергија се смалува за околу 15 проценти. За исто толку се подобрува и забрзувањето.

Почетокот на продажбата на серискиот електричен модел на Suzuki се планира за 2025 година. Јапонската марка нагласува дека концептот eVX ги соединува теренските гени на погонот 4х4 на марката, со модерен електричен погон. Батеријата на кросоверот долг 4,3 метри располага со капацитет од 60 kWh. Останатите детали за својот електричен модел, Suzuki ќе ги соопшти дополнително.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електро тротинети за изнајмување се добри за чист воздух во градовите

Tesla со лажна снимка го рекламирала својот автопилот во 2016