Ауди го прикажа својот Ку 9 пред новинарите на настан во Њујорк. Тој е подолг од неодамна освежениот Ку 7, но и од главните соперници, како Мерцедес-Бенц ГЛС, БМВ Икс 7 или Лексус Т Икс, како во должината и ширината, така и во меѓуоскиното растојание.
Дилерите на Ауди често се жалеа дека Ку 7, со три реда седишта и најголем модел на марката досега, еднсотавно им е недоволно голем на клиентите што имаат големи фамилии или тие што сакаат и бараат повеќе простор.
Ку 9 е долг преку 5,3 метри, висок е 1,81 метар и широк 2,01 сантиметри, со меѓуоскино растојание од близу 3,14 метри. Во растојанието меѓу оските, тој има повеќе простор од угледниот Кадилак Ескалејд и само осум сантиметри е покус од него. За разлика од Кадилакот, со каросерија врз носечка рамка, Ауди има самоносечка, автомобилска каросерија.
Извршниот директор на Ауди, Герно Делнер, го гледа Ку 9 како нов знаменосец на марката. Тој е развиен посебно за пазарот во САД, каде што домовите и семејствата стануваат поголеми.
На Ауди му беше потребен уште еден модел што ќе им се придружи на двата важни СУВ-модели, што исто така се обновени: На компактниот Ку 3 и на моделот од средна класа Ку 5.
Откако постави рекорд во САД во 2023 година, продажбата на Ауди во земјата постојано опаѓа, а плановите за посилен пробив со електричните возила ја тргна марката од бројни списоци за купување нов автомобил. Соперниците на Ауди, главно БМВ и Лексус, бележеа рекорди и користеа од тоа што нудат повеќе видови погон.
Ауди во 2025 година продаде 164.942 возила во САД, што е пад од 16 проценти. Во првото полугодие од 2026, продажбата уште е во пад, со 17 проценти во минус. Проблем е тоа што Ауди ги увезува сите автомобили што ги продава во САД, поради што групацијата Фолксваген е мошне погодена од царините на Доналд Трамп.
Ку 9 ќе се произведува во фабриката на групацијата во Братислава, Словачка, заедно со идната генерација на Ку 7.
Испораките на пазарот во САД ќе започнат во последниот квартал.
Ку 9 прикажува голема сличност со останатите СУВ на Ауди
Ку 7 беше трет најпродаван модел на Ауди во САД во 2025 година, со 18.381 возила, додека Ку 8 постигна 10.881 испораки.
Успехот на овие модели покажа дека останува уште слободен простор, за Ауди да додаде уште еден и поголем модел, ценат аналитичарите. Тоа значи и повеќе профит за производителот, и за дилерите.
Северна Америка, главно САД, ќе учествува со 65 проценти во вкупната продажба на Ку 9, соошти Филип Брабец, директор за продукти на Ауди во САД.
Ауди не соопшти колку возила очекува да продаде во САД, но Брабец посочи дека планираните количини укажуваат оти Ку 9 е од стратешка важност.
„Кога го дизајниравме, ние точно се посветивме на начинот на користење на возилото во Северна Америка,“ кажа Брабец на презентација.
Исто како Ку 5 и Ку 7, новиот модел е конструиран врз Премиум Платформ Комбашчн (ППЕ). Широката става и проширените крила ја нагласуваат големината на Ку 9. Маската има вертикални отвори, додека С Ку 9 покажува обележја што им се познати на фановите на Ауди.
Опашот го следи стилот на помалите кросовери на Ауди, вклучувајќи тенка светлечка линија по ширината на вратата на багажникот.
Ауди разви матрични диодни светла за Ку 9. Оваа технологија долго се применува кај моделите за Европа, но Ку 9 е прв модел на групацијата што нуди вакви напредни светла на пазарот во САД.
Моќност не му недостига
Ку 9 користи 2,9-литарски твинтурбо В е-6 со 435 КС, додека во спротскиот С Ку 9 работи 4,0-литарски твинтурбо Ве-8 со 600 КС. И покрај тежината од преку 2,5 тони на празно возило, С Ку 9 спринтува до темпо сто за точно четири секунди.
За разлика од повеќето конкуренти, Ку 9 во почетокот нема да се нуди со хибриден погон.
Адаптивна амортизација, погон на сите тркала и 8-степен автоматик се стандард во целата гама. Заради полесно маневрирање, но и подобра управливост во свијоци, во нивото Престиж следи управување на сите тркала, што инаку е стандард кај С Ку 9.
Двете изведби можат да влечат до 3,5 тони, што им е важно на клиентите во САД, напоменува Ауди.
Многу внимание е посветено на внатрешноста, а тоа значи главно во просторноста.
Ауди ќе го нуди Ку 9 со седум седишта или со шест седишта, со тоа што во средниот ред се т.н. капетански седишта. Кабината насекаде нуди физички копчиња, комбинација од мат и текстурирани материјали, големи екрани.
Уште едно важно подрачје кај Ку 9 е багажникот и товарниот простор воопшто.
Зад третиот ред останува багажник од 550 литри, преку 1.400 литри кога третиот ред е спуштен и дури 2.500 литри со двата реда долу. Тоа е значително повеќе во споредба со Ку 7, којшто беше критикуван во тој поглед.
Ауди напоменува дека сите врати може да се отвораат со електромотор и тоа под агол до 90 степени
Ауди Ку 9 доаѓа во сегмент што е густо запоседнат
Цената за Ку 9 во САД изнесува 89.095 долари, додека С Ку 9 стартува од 119.395 долари.
Во првото полугодие, во сегментот на големите СУВ во САД се продале 89.722 возила, што е 4,8 проценти под истиот период лани. Лексус Т Икс предводи со 28.112 возила, пред Волво Икс Џ 90 со 22.538 возила.
Од лускузните СУВ, до јуни се продадени 151.015 возила, за 11% под ланскиот резултат. Водат Џип Гранд Вагонир со 30.520 возила и Кадилак Ескалејд со 23.265 возила.
Освен на луксузните модели, Ку 9 ќе им конкурира и на најскапите изведби на големоволуменските Шевролет Тахо и на Денали, подмарката на Џи Ем Си Јукон.
Ауди Ку 9 во Европа во почетокот ќе се нуди само со 3,0-литарски благ хибриден дизел, со ценовник што ќе стартува од 108.400 евра во Германија.
















